Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе учествува на отворањето на 21. Самит за климатски промени COP21, што се одржува во Париз од денеска до 11 декември.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Иванов ќе се обрати на главната сесија на лидерскиот сегмент на Самитот за климатски промени. Самитот ќе биде свечено отворен од претседателот на Француската Република Франсоа Оланд и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.
Во рамки на самитот, македонскиот претседател ќе присуствува и на работниот ручек, кој го приредува претседателот на Француската Република Оланд и министерот за надворешни работи на Француската Република Лорен Фабиус.
На Парискиот самит за климатски промени, COP21, се очекува за прв пат после 20 години преговори во ОН, да се усвои правно обврзувачки меѓународен договор за борба против климатските промени, чија цел e глобалното затоплување да не биде поголемо од 2°C.
На Самитот за климатски промени, своето учество го потврдија околу 150 шефови на држави и влади од целиот свет, меѓу кои претседателот на САД, Барак Обама, претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердогaн, претседателот на Египет, Абдел – Фатах ел-Сиси, претседателот на Бразил, Дилма Русеф, претседателот на Јужна Африка, Џакоб Зума, премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, германската канцеларка, Ангела Меркел, британскиот премиер, Дејвид Камерон, премиерот на Индија, Нарендра Моди, повеќе претседатели од соседството и регионот, како и високи претставници на ЕУ, ОН и други меѓународни организации.
Република Македонија е земја-потписник на „Рамковната конвенција на ОН за климатски промени“ (UNFCCC) и на „Протоколот од Кјото“. Воедно, Република Македонија има пристапено кон „Записот од Копенхаген“ и доставено листа на неквантифицирани активности за ублажување на климатските промени.
Во пресрет на учеството на претседателот Иванов на Конференцијата во Париз, во Кабинетот на македонскиот претседател се одржа Седница на Националниот совет за одржлив развој, на која претседателот Иванов порача дека Република Македонија се залага за усвојување меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор, што ќе биде применлив за сите земји, односно договор кој ќе содржи конкретни активности за ублажување на последиците од климатските промени и адаптација кон климатските промени.
За безбедноста на учесниците на самитот се грижат околу 15.600 полицајци и жандарми, од кои само во Париз 6.300. Самитот се одржува, само дваесетина дена по атентатите кои ја потресоа Франција и светот на 13 ноември, кога загинаа 130 лица, а беа ранети 350.