Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска се сретна со сер Алан Данкан, државен министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, кој од вчера престојува во посета на Македонија.
Двајцата соговорници разговарале за билатералните односи меѓу двете држави, за случувањата во Европа и Европската унија и состојбите во регионот.
Станало збор и за актуелната политичка состојба во Македонија и можностите за нејзино надминување. Претседателот Иванов изразил незадоволство од отсуството на јавна осуда на мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји.
Претседателот Иванов, како што се наведува во соопштението, ги реафирмирал стратешките цели на Република Македонија во однос на европските и евроатлатските интеграции и посветеноста за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји.
Во однос на НАТО, Иванов изразил разочараност поради двојните стандарди, непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и владеењето на правото во случајот со Македонија, а во врска со Европската Унија повикал на деблокирање на процесот на проширување кој го мобилизира и реформира општеството.
– Претседателот Иванов очекува појасна поддршка од Обединетото Кралство во однос на остварувањето на стратегиските цели на Република Македонија, се вели во соопштението.
Британскиот министер истакнал дека Обединетото Кралство сака стабилна Република Македонија и оти не сака да се меша во внатрешните работи на државата. Тој изразил разбирање за оправданиот револт од статус кво состојбата во однос на европските и евроатлантските интеграции и укажал дека ќе ја поддржат Република Македонија на овој план.