„Кажав дека ќе има незадоволни, но треба да бидат информирани зошто сето ова е направено. Многумина нема да се согласат, но моментот е сега да се обезбедат слободни и фер избри. Се извинувам на сите што сум ги довел во непријатна состојба. Секогаш ме водел државниот интерес. Државата пред се. Тоа ми било мото, рече Ѓорге Иванов на заедничкото интервју со неколку телевизии.
Тој објасни дека на лидерските средби лидерот на СДСМ, Зоран Заев не сакал да учествува зашто бил осомничено лице и во таа смисла била оваа негова одлука за аболиција и на Заев. За да се чувствувал комотно лидерот на СДСМ да учествува на лидерските средби.
На прашањето зошто прави судир со политиките на САД и на меѓународната заедница, Иванов рече:
– Одговорноста за функционирањето на државата треба да си ја преземеме сами. Пред оваа одлука направиме истражување за мојот рејтинг. 70 отсто од Македонците веруваат во институцијата претседател. А на ниво на цело население 60 отсто веруваат во функцијата претседател. Овој момент е злоупотребен за мобилизирање на лица за лов во матно. Го користам овој момент пред да настанат уште поголеми штети по имотот и угледот на државата.
ТВ Алсат и Телма одбиле да учествуваат во интервјуто со Иванов.