Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Молдавија и на Аргентина за Република Македонија, соопшти Кабинетот на Претседателот.
На предавањето на акредитивните писма на Штефан Горда, новоименуваниот амбасадор на Република Молдавија за Република Македонија со седиште во Софија, Иванов истакнал дека двете земји споделуваат исти заложби за мир, слобода, безбедност и просперитет на регионот на Југоисточна Европа и пошироко и подвлекол дека соработката меѓу двете земји треба да продолжи да се развива и да се продлабочува преку интензивирање на политичкиот дијалог на сите нивоа.
– Постојат бројни потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес, кои со заемен ангажман треба да ги искористиме. Посебен акцент треба да ставиме на можностите за збогатување на економската соработка и целосно искористување на економските потенцијали на нашите две земји, како и на соработката во областа на туризмот, културата, образованието, науката, истражувањето и иновациите, рекол претседателот Иванов.
Амбасадорот Горда изразил уверување дека досегашните воспоставени одлични политички врски меѓу Молдавија и Македонија ќе продолжат со интензивирање и во иднина и дека соработката меѓу двете земји во другите области од заеднички интерес ќе се унапредат на повисоко ниво.
На предавањето на акредитивните писма на Алберто Алфредо Мануел Труеба, новоименуваниот амбасадор на Аргентинската Република за Република Македонија со седиште во Софија, претседателот Иванов го истакнал исклучителното значење кое Република Македонија го придава кон успешниот развоен тренд и понатамошното унапредување на севкупните односи со Аргентина.
– И покрај географската оддалеченост на нашите две пријателски земји и припадноста на различни региони, цврсто сум убеден дека постои заедничка желба и голем потенцијал за уште посеопфатно и посодржински да ги развиваме и унапредуваме меѓусебните односи за доброто на нашите народи, рекол претседателот Иванов и додал дека е неопходно преку поинтензивен политички дијалог да се динамизира соработката во економската сфера, како и во сите други области од заемен интерес.
Како што информира претседателскиот Кабинет, амбасадорот Труеба истакнал дека билатералните односи помеѓу Македонија и Аргентина во изминатите 18 години може да се дефинираат како пријателски, додавајќи дека главни области за зацврстување на традиционално добрите врски во блиска иднина ќе бидат поттикнувањето на економската и трговската соработка, како и промоцијата на иницијативи во културниот сектор.
– Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на одговорната дипломатска функција и им изрази поддршка во вршењето на должноста, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.