Судскиот совет попладнево свика итна седница со 2 точки на дневен ред: oдлучување за одземање на имунитет на судија и одлучување по барање за одобрување на притвор на осомнчениот управен судија, Мустафа Шаини.
Како што објави „А1 он“, Шаини пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје се повикал на судискиот имунитет и затоа било одложено рочиштето за притвор.
Обвинителството за организиран криминал и корупција донесе наредба за истрага против судијата Мустафа Шахини од Управниот суд за злоупотреби со предмет за денационализација на имот на брегот на Охридското Езеро во Струга, со кои државата ја оштетил за над 200 илјади евра.
Осомничениот судија, претходно бил адвокат и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, Шахини бил избран за судија на Управниот суд.
„Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја земал во работа, злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, иако знаел дека како поранешен застапник (адвокат) на тужителите, не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата. Осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил Претседателот на Управниот Суд. Натаму, постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува. Со тоа оневозможил Државното правобранителство на Р.С.М. кој е адвокат на државата, како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението на Обвинителството.
Како претседател на советот, судијата Шахини учествувал во донесување пресуда со која спротивно на одредбите од Законот за води, Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро, Законот за денационализација и Законот за управните спорови, недвижниот имот – градежно неизградено земјиште во Струга, било вратено во приватна сопственост на барателите кои претходно биле негови клиенти.
„Воедно за недвижен имот со површина од 171 м2 што претставува јавно добро – крајбрежен појас и што не смее да биде вратено во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на РСМакедонија, примерок од Пресудата, иако е задолжително заради право на жалба, не бил доставен до Државното правобранителство и со својот потпис, осомничениот, овозможил правосилност на пресудата. Со ваквите дејствија на барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности, противправно да се стекнат со имотна корист – површина од 1.958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700, денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413 денари, односно над 200.000 евра на штета на имотот и интересите на РСМакедонија“, пишува во соопштението.
Спорниот имот е обезбеден со Решение на Основниот суд во Струга со кое е изречена привремена мерка – забрана за отуѓување.
В. Маглешов