Обвинителството за гонење организиран криминал истражува и евентуална одговорност на двајца актуелни пратеници кои биле во контакти со осомничените во најновата истрага, дознава „А1 он“.
Во оваа фаза на истрагата, се испитуваат индиции за евентуална вмешаност на двајца пратеници од Собранието. Неофицијално, под лупа на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е уште јавен обвинител од специјалното јавно обвинителство за што се прибираат податоци.
Според најновите информации, телефонот на обвинителката Катица Јанева, заедно со компјутерот кој беше одземен од нејзиниот син, вработен во „1 ТВ“, Обвинителството ќе ги предаде на вештачење.
Обвинтелката Вилма Русковска вчера соопшти дека кривично гони двајца осомничени затоа што рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од обвинителство.
Првоосомничениот Бојан Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари за за него да биде запрена постапката. Привчно биле побарани 8 милиони евра, па сумата била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра да му бидат исплатени на првоосомничениот од бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истраги се случиле повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Зоран Милевски.
Првоосомничениот, го искористил своето влијание врз јавен обвинител за да добие пари од бизнисменот во замена за олеснување на неговата положба во постапката.
Првоосомничениот Јовановски се гони и за кривично дело перење пари, затоа што добиените 1,5 милиони евра ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и со нив купувал предмети, облека, плаќал одмор…“
За првоосомничениот Јовановски постоеле индиции оти сака да избега од државата и затоа бил уапсен на граничниот премин Богородица. За двајцата осомничени се води и финансиска истрага, и доколку не успеат да го докажат потеклото на имотот кој го поседуваат, обвинителството ќе бара одземање.