ИРГ за справување со загадување: За успешно вклопување на сите политики, неопходно креирање на автохтон македонски зелен договор

Од:

Интерсекторската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух и дефинирање соодветни препораки и мерки што треба да се преземат за подобрување на квалитетот на воздухот (ИРГ) денеска преку видео-конференција го одржа 15-от состанок.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, на тема „Како да продолжиме со чистиот воздух во новата нормалност“, свои презентации имале заменик министерот за животна средина и просторно планирање и претседател на ИРГ, Јани Макрадули, како и претставничката на невладината организација „Еко-Свест“.

Со дискусии се вклучиле присутните членови на ИРГ, по што се донеле заеднички заклучоци, со соодветни предлог – краткорочни и долгорочни мерки.

Краткорочни мерки – еден ден во неделата да биде кога ќе се работи од дома (на пример петок); еден ден во неделата без моторни возила (на пример среда); еден ден во неделата наставата да се одвива по електронски пат; еднаш месечно една седница на Влада да биде преку електронска платформа; на седниците на Комисиите, поканетите гости, да учествуваат исклучиво по електронски пат; во третиот пакет економски мерки да се помагаат само оние компании кои ќе покажат и бизнис планови за идни активности во заштита на животната средина; ослободување од отплата на средства доколку компанијата применува мерки од Новиот зелен договор и Парискиот договор; стимулирање на компании кои своите бизнис модели ќе ги дизајнираат по принципите на циркуларната економија; поставување мини контејнери за медицински отпад; усвојување и примена на Уредбата за еко налепници; и усогласување и прифаќање на предлозите од иницијативата: „На точак“ за создавање функционални услови за стимулирање на користење на велосипедскиот сообраќај.

За среднорочни мерки, наведени се декарбонизација на начинот на затоплување (како во домаќинствата, така и во јавните институции); забрзана имплементација на Планот за чист воздух; да не постои јавна институција која загадува; субвенционирање на домаќинствата за замена на затоплувањето доколку истото загадува; заштита на производителите на обновливи извори; масовен проект „Реновирање на зградите“ за зголемена енергетска ефикасност; изедначување на цената на екстралесното гориво со дизелот.

– За успешно вклопување на сите политики и мерки, неопходно е креирање на автохтон македонски зелен договор, со вклучување на домашното знаење и експертиза од сите чинители, јавни институции, граѓански организации, приватен сектор и академска заедница. За подготовка на овој договор веќе има неколку меѓународни организации кои сакаат да го поддржат неговото реализирање, соопшти владината прес-служба, кои додаваат дека со креирање на овој договор, ќе покажеме зрелост пред дефинирањето на зелениот договор за Западен Балкан.

Овој договор, се наведува во соопштението, по концепт е компатибилен и дава поддршка на предложените мерки од 20-тина граѓански организации, а иницирани од страна на WWF.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Шукова: Не може граѓаните да се гушат, нивното здравје да биде под ризик, а ДПМНЕ да спие како власт

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да мислеа повеќе на животната средина наместо да крадат кај ќе стигнат, ќе направеа нешто

Кузеска: Власта да не го игнорира загадувањето, да ги прифати и да ги реализира мерките на СДСМ

Скопје утрово со умерено ниво на аерозагаденост, прекинат прагот на алармирање во Струмица

СДСМ предлага серија на итни мерки за борба против загадениот воздух

Прекинат прагот на алармирање за аерозагадувањето во Струмица