(ИНТЕРВЈУ) Георгиевски: Поднесовме 140 кривични пријави за дивоградби, процесирани – нула

Од:

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, тврди дека Општината поднела 140 кривични пријави во Обвинителството против сопственици на дивоградби, а ниедна од нив не е процесирана. Тој во интервју за „А1он“ вели дека станува збор за нефункционалност на целиот систем. Охридските плажи немаат концесионери и по неколку години, но со нив и натаму се стопанисува. Георгиевски вели дека е свесен оти го прекршува законот, со тоа што не ги затворил плажите, но смета дека тоа ќе влијаело негативно на туризмот. Но, најави дека по судски пат ќе бара узурпаторите да платат за користењето на плажите иако немале договор со Општината.

„Доаѓаше туристичка сезона, проценив дека би било непопуларно за туризмот среде сезона да ги отстрануваме плажите. Свесен сум дека тоа е прекршување на законот, меѓутоа јас и сега кога разговарав со лицата што располагаат со плажите, еден од локалите ми дојде со список од 32 вработени и тука беше истиот муабет – да се најде решение. Ние по судски пат, за периодот за кој не се плаќал надоместок за концесија, тоа ќе го наплатиме. Ќе ги заштитиме интересите на Општината. Парите ќе ги бараме од правните субјекти“, рече Георгиевски.

Охридскиот градоначалник вели дека Општината бара начин да ги земе под нејзино владение објектите изградени на плажите за во иднина да ги издава заедно со земјиштето.

„Во повеќето од објектите на плажите е доста вложено. Мојата идеја е додека не се реши статусот на тие објекти, да престанат со вршење дејност. Потоа да видиме дали постои законска можност, пред сè, ние како Oпштина да ги реиздаваме и објектите. Ние правиме постапка за земјиштето, тоа е наше. Но, објектите што се таму не се наши. Затоа треба да се отстранат. Е, сега, за да не се остранат, тие треба да станат наши“, вели Георгиевски.

Во однос на уривањето, градоначалникот Георгиевски е задоволен од динамиката со која се спроведува акцијата. Тој вели дека процесот ќе трае една-две години, можеби друг градоначалник ќе треба да го продолжи, меѓутоа тоа е спасот за Охрид.

„Од финансиски и човечки апсект ние даваме сами да си ги урнат објектите со заверена изјава на нотар дека во одреден рок ќе си ја урне дивоградбата. Во спротивно, ќе постапиме ние. Тие објекти таму стоеле 15 дена, не менуваат ништо 5 дена. Доволна казна е што тие ќе добијат трошковник бидејќи ние ќе го отстрануваме објектот за полициска асистенција и куп други трошоци. Ние ако мислиме дека ќе се паркираме во Охрид со 30 багери и сè во два дена ќе срушиме – тоа е нонсенс. Ова е процес, ќе биде тешко и болно“, смета Георгиевски.

Првиот човек на Охрид вели дека нема место за калкулации од општинските власти и угостителите бидејќи мора да сфатат дека времето на урбанистичкиот хаос завршува. Но, за целта да биде завршена, мора и другите државни институции да се вклучат во процесот, смета Георгиевски.

„Во однос на дивоградбите, поднесовме 140 кривични пријави, процесирани се нула. Плажите пак вршат дејност. Треба да престанат со тоа. Со планот за управување на Охридско-струшкиот Регион ќе видиме дали на одредено место има плажа, па да ги остраниме. Но, јас не сум тој што можам да им забранам да вршат дејност. Каде се Пазарната, Трудовата инспекција, каде е УЈП? Станува збор за нефункционирање на целиот систем. Општината е само една алка. Ние покажавме решителност и помрднување од мртва точка. Целиот процес ќе биде тежок и напорен, но на крајот ќе го добиеме посакуваниот резултат“, тврди охридскиот градоначалник.

Запрашан за изградбата на пицеријата кај Чинарот, сопственост на советникот Нефи Усеини, која не беше стопирана по изречената мерка за стопирање на градежните работи, а донесена од Општината, Георгиевски тврди дека немал можност поради тоа што немало фирма за уривање.

„Има решение за отстранување по кое тогаш не можеше да се постапи бидејќи немаше тендер за отстранување бесправно изградени објекти“, заклучи Георгиевски.

По изградбата на пицеријата на Усеини на државно земјиште, без соодветни дозволи, сега за нејзино рушење е задолжен Државниот градежен инспекторат бидејќи таа се наоѓа во старото градско јадро на Охрид.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион