(ИНТЕРВЈУ) Д-р Ана Момировска: Со брзите тестови тешко се откриваат заразените без симптоми на Ковид-19

Од:

Со зголемувањето на бројот на заразени од коронавирусот расте и паниката кај граѓаните, немоќта кај медицинскиот персонал да одговори на сите потреби на пациентите, а се отвораат и голем број прашања во однос на ширењето на вирусот за кој сè уште ниту научната јавност нема доволно информации.

Зошто некои луѓе еден ден имаат позитивен, а утредента негативен резултат на вирусот, кога е најдобро да се изврши тестирање по контакт со заболено лице, дали треба сите заразени и заболени лица да земаат ист вид суплементи, кога се потребни антибиотици и колку се веродостојни брзите тестови за детекција на вирусот, се само дел од прашањата што се од интерес за јавноста.

За овие теми резговаравме со д-р Ана Момировска, специјалист по медицинска биохемија, магистер по педијатрија и молекуларна биологија и CMO на „Синлаб Македонија“.

Од кои причини PCR-тестовите понекогаш даваат лажно негативни резултати?

Да, можно е да се добијат лажно негативни резултати од PCR-тестирањето. Сакам да објаснам дека PCR (Polimerase Chain Reaction) е метода со која се испитуваат нуклеинските киселини РНК и ДНК. Во случајот со Ковид-19 се испитува вирусната РНК на SARS CoV 2.

Во најголем број случаи појдовен материјал за анализа е брис од носот и грлото. Самата постапка на земање брис си има своја слабост, тоа значи дека во ретки случаи може да не се земе доволно материјал за анализа, па поради тоа, резултатот да биде лажно негативен. Доколку пациентот има карактеристична клиничка слика, тогаш се препорачува појдовен материјал за дополнителна анализа да биде примерок од пониските респираторни патишта, како искашланица, аспират, лаважа и сл.

Најчести лажно негативни резултати се добиваат во раната фаза на болеста кога нема доволно вирус за да се детектира. Во тој случај во зависност од симптомите треба да се препорача евентуално повторување на анализата.

Се разбира дека лажно негативен резултат може да се издаде и при груби лабораториски грешки. Тоа е, на пример, замена на примерок од друг пациент, грешка при внесување резултати, грешка во име и презиме, непедантно работење во лабораторијата и инхибиција на PCR-анализата итн. Лабораторијата мора да ги има мапирано сите моменти на евентуална грешка и да воспостави контрола над тие критични моменти. Постои нешто што се вика и пресметка на ризик, тоа е емириски податок колку една лабораторија има ризик да издаде грешни резултати. Во зависност од тој ризик лабораторијата воведува мерки за да се надминат слабостите. На пример, двојна проверка на податоците во упатот, воведување баркодови на примероците, дополнителни обуки на пресоналот и сл.

Дали е можна појава на лажно позитивен резултат на PCR-тест?

Да, и тоа е можно. Најчеста причина за тоа е контаминација (загадување) на примерокот. Притоа се мисли на контаминација во лабораторија, а не при земање примерок. Во лабораторијата, поради несоодветна работа, можно е одреден примерок да се загади со вирус од друг примерок и да даде лажно позитивен резултат. Методата PCR е многу чувствителна и поради тоа, постојано треба да се внимава да се избегне контаминација. Исто така, и грубите лабораториски грешки остануваат како причина за издавање лажно позитивен резултат, што во овој случај е всушност погрешен резултат. Доколку лабораторијата ја увиди грешката, треба веднаш да му се јави на докторот што го води пациентот или, пак, на пациентот, да извести за грешката и да издаде нов резултат, со напомена грешниот резултат да се отстрани.

Луѓето што имаат симптоми или биле во контакт со заболен не се сигурни кога да се тестираат. Според Вас, кога е најдобро да се изврши тестирањето, дали веднаш или неколку дена по појавата на симптомите?

Најдобро е да се тестираат седум дена по сомнителниот контакт. Доколку развијат симптоми порано, потребно е веднаш да се јават кај матичниот лекар, кој ќе процени кога и какво тестирање треба да се направи.

Што мислите за брзите тестови за детекција на коронавирусот? Дали се дијагностички и дали доколку резултатот е позитивен, лицето треба да направи и PCR-тест?

Брзите тестови за детекција се сосема друго ниво на дијагностика и затоа се доста поевтини. Тие ги детектираат само болните пациенти од Ковид-19, тоа значи оние што имаат висока концентрација на вирусот. Асимптоматските пациенти или оние со ниска концентрација на вирусот не ги детектираат, можеби околу 50 проценти. Брзите тестови се ориентациони. Исто така, има големи разлики во квалитетот на резултатите во зависност од тоа од кој производител се. Златен стандард останува PCR-тестирањето и, да, тие што се позитивни на брзиот тест, треба да направат и PCR.

Оние институции што планираат да воведат брзи тестови мора да се свесни за нивната слаба страна, а тоа е неоткривање на вирусоносителите. Тоа може да биде врата на ширење на инфекцијата во медицинските установи, старските домови, па да се предизвика дополнително штета и ширење на вирусот, а под лажна закрила дека е спроведено тестирање.

Голема дебата на оваа тема имаше во Германија, каде што настојуваа овие тестови да бидат скрининг во старските домови, но по реакцијата на стручната јавност, идејата се отфли. Лично сметам дека брзите тестови се оправдани во мали места и онаму каде што нема дијагностика, односно во внатрешноста на државата. Нивни позитивни страни се тоа што се брзи и што се значително поевтини. За Скопје, во моментот, каде што има голем број молекуларни лаборатории, не ја гледам оправданоста за воведување брзи антиген-тестови.

Во иднина, сепак, нивната примена сметам дека ќе се прошири со оглед на тоа што карактеристиките на епидемијата ќе се менуваат (вакцини, лекови и сл.).

Кај некои од граѓаните постои мислење дека PCR-тестот детектира секаков вид вирус, па оттаму и не веруваат во тестовите. Колку е ова веродостојно? 

PCR-тестот специфично го открива коронавирусот SARS CoV 2, кој предизвикува Ковид-19, а не сите корона-инфекции. PCR-тестот во инфектологијата е највисоко ниво на конфирмација на заразна болест.

Големи дебати има во јавноста во врска со позитивните резултати на тестовите кај лица што немаат никакви симптоми на болеста. Дали тие се сметаат за инфицирани или заболени и дали се преносители на вирусот?

Лабораторискиот позитивен наод се споредува со клиничката слика, со симптомите и со другите дијагностички постапки. Точен позитивен резултат значи или болест (ако има симптоми) или вирусоносителство (ако нема симптоми). Со оглед на тоа дека вирусот не е познат докрај и предизвикува штети и врз човековото здравје и врз општеството, вирусоносителството исто така се смета за голем ризичен фактор и тие лица добиваат решенија за изолација исто така.

Словачка премина кон масовно тестирање на граѓаните. Мислите ли дека ова е еден начините за справување со пандемијата?

Апсолутно, да. Таков еден пресек треба да се направи. Не сме голема популација, мислам дека може да спроведе. Тестирањето треба да опфати и тестирање за присуство на вирусот, но и присуство на антитела кај целата популација.

Од кои причини некои пациенти што го прележале Ковид-19 имаат антитела, а други не?

Постојат два вида имунитет – целуларен, каде што лимфоцитите се борат против вирусот, и имунитет со антитела (хуморален). Не е докрај јасно зошто кај некои пациенти не се формираат антитела. Претпоставка е дека лимфоцитите ја завршиле работата, па не се активирал хуморалниот имунитет. Моето досегашно искуство со мерење антитела покажува дека оние што имале потешка клиничка слика имаат повеќе антитела отколу асимптоматските или оние со слаби симптоми.

Има случаи кога едно лице двапати се заразува од коронавирусот. Колку долго сметате дека еден пациент е заштитен од тоа да се зарази вторпат? Треба ли еднакво да внимаваат и оние што имаат антитела?

Според досегашните публикувани студии, антителата се присутни 3-4 месеци. Кај поголем број од лицата антителата постепено опаѓаат, кај мал број може и да растат во зависност од тоа како им е скроен имунитетот. Тие што прележале, по 3-4 месеци, треба да го проверат нивото на антитела или ако не го проверат, да ги спроведуваат сите мерки на самозаштота.

Кои лабораториски испитувања ги препорачувате кај лица што се заразени од Ковид-19, односно што е она што треба континуирано да се следи за да не дојде до поголеми последици врз здравјето?

Крвна слика, коагулација, ензими, феритин, ЦРП и седиментација, се разбира, и функцијата на бубрезите и на црниот дроб. Во домашни услови може исто така да се следи оксигенацијата со апарат оксиметар, кој може да укаже на тоа дали кај пациентот се влошува состојбата со снабденост со кислород и доколку е така, да се јави на лекар и да се упати на повисоко ниво на лекување.

Луѓето во паника по добивањето симптоми, а и оние што сакаат да се заштитат, земаат лекови и суплементи на своја рака, а листата со суплементи се споделува и како протокол на социјалните мрежи. Кога препорачувате да се земе антибиотик и кои суплементи, генерално, се препорачуваат за зголемување на имунитетот?

Суплементи треба да се земаат како за секој зимски период, ништо повеќе. Кога бевме деца, ни даваа рибино масло со лимонче и тоа беше одлична превенција. Значи, ДА за витамин Д, омега-масни киселини, витамин Ц, други витамини и минерали (магнезиум, цинк, селен), но не во неограничени количини. Тоа нема смисла, освен можеби некоја бизнис-смисла. На пример, организмот користи до одредено ниво витамин Ц, сè што е вишок се исфрла преку урината. Витаминот Д во зимскиот период е неопходен, но треба дозите да се умерени и да се комбинира со витамин К. Земањето суплементи треба да се гледа како стабилизирање на имунолошкиот систем. Тоа не е гаранција дека некој нема да се зарази.

Во врска користењето антибиоици – тие во принцип не лекуваат вирусни инфекции. Тие ги лекуваат придружните бактериски инфекции. Но, во случајот со Ковид-19 научната јавност испитува сè и сешто и се бара дали евентуално и антибиотиците може да се користат при лекување. Во таа смисла, на пример, се препорачува кај болни од коронавирусот давање „азитромицин“ („сумамед“), според некои автори тој има и некакво антивирусно дејство. Имам прочитано исто така дека „стрептомицинот“ дава, во лабораториски услови, инхибиција на размножувањето на вирусот итн. Во Австралија доста експериментираа и со антипаразитски лекови и тие се препорачуваат исто така за третман. Од антивирусините лекови нема некој убедлив антивиротик, но да се надеваме дека специфичната антивирусна терапија набргу ќе се открие.

Во секој случај антибиотиците не се за превенција и нивната евентуална употреба кај пациенти со Ковид-19 треба да биде препишана од лекар.

Кога е препорачливо да се направи крвна слика кај болните од Ковид-19? Колку го оправдувате тоа што лицата излегуваат од изолација за да направат крвна слика?

Матичниот лекар треба да процени дали треба контролна лабораторија, тоа не треба да се прави на своја рака и да се излегува од изолација тукутака. Кај пациентите што дома се лекуваат обично на контрола ги праќаат по една недела од појавата на првите симптоми. Кај болничките пациенти тоа е според болничките протоколи, можно е и секој ден.

Во дополнение би сакала да посакам добро здравје, кувет и претпазливост, придржување кон препорачаните мерки на заштита. Исто така, апелирам до трговците, доставувачите на реагенси и потрошен материјал да ги спуштат цените за да може и лабораториите да излезат во пресрет на потребите на граѓаните.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска