Интегрално: Прес-конференцијата на Зоран Заев

Од:

Од денеска СДСМ и опозицијата го започнуваат проектот “Вистината за Македонија”.

Целта е единствена – да ја вратиме слободата и демократијата во Македонија, да ги вратиме европските вредности.

Oваа папка ќе стане симбол на процесот што денеска го отпочнуваме за враќање на слободата и демократијата.

Oва што во интерес на граѓаните и државата сум должен да го споделам со јавноста, е најнепријатното нешто што треба сум повикан да го направам, како одговорен граѓанин на оваа земја. Иако, како и секој човек кој си ја сака државата, искрено жалам што Македонија, токму поради неодговорни луѓе, е доведена во ваква срамна ситуација за каква што ќе слушате од денеска.

Во Македонија, само во период од неколку години, се прислушувани над 20.000 граѓани!
Зад оваа операција стојат Никола Груевски и неколку луѓе околу него.

Материјалите што ги поседуваме докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски.

Почитувани граѓани,

Поднесуваме кривични пријави против Сашо Мијалков, директор на УБК, Горан Груевски раководител на петта управа и НН вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. За вработените кои учествувале, но го пријавиле кривичното дело, очекуваме да се употреби член 151 став 5 од Кривичниот Законик, со којшто овие лица се ослободуват од гонење.

Испраќам порака: Ќе се бориме за заштита на сите вас кои се охрабривте и се охрабрувате да се спротивставите на газењето на Уставот и законите.

Во прилог на Кривичната пријава има повеќе од 300 мои телефонски разговори, снимени само за неколку денови. Ова е само мал дел од прислушувањето на моите телефони, што траело најмалку 4 години во континуитет. Без прекин, 4 години!

Според нашите закони, во најекстремни ситуации, посебни истражни мерки можат да се користат 14 месеци со дозвола на јавен обвинител или судија.

Само ова ЦД покажува дека сум бил следен и прислушуван не 14 месеци, не 24, туку околу 48 месеци! Можеби и повеќе.

Слично се постапувало со сите опозициски лидери.
Со пријавата доставуваме и текстуален дел од 204 страници, со разговори на членови на опозицијата, новинари, поединци блиски до опозицијата, давани како подготвен информативен материјал до Груевски и неколку луѓе околу него.

Ова е 24/7, ама комплетно прислушување на сите!

За време на изборите, ги злоупотребувале државните служби за да имаат 24 часовни извештаи за секој од главните кандидати и лидери на опозицијата. Секој ден добивале резимеа за својот политички противник. Секој разговор, сите планови, сета комуникација. Со државни пари и со целосно кршење на Уставот и сите закони!

Вакво масовно прислушување можат да спроведат само домашни државни служби.

Никој во Македонија не е изненаден дека се прислушува. Особено не дека се прислушува опозицијата.

Но, ова што го видовме и ќе го видите и слушнете и вие во деновите пред нас, ги надминува и најцрните очекувања.

Сите документи покажуваат дека Македонија е поделена во два света. Во едниот се Груевски и Мијалков кои политички и финансиски живеат од прислушувањето, а во другиот сме сите ние – чија приватност и уставни права се целосно погазени. Од сите што биле прислушувани, а се на значајни опшествени позиции, нема само прислушувани разговори помеѓу Никола Груевски и Сашо Мијалков. Значи само нивните телефони не биле ставени во машината, освен кога зборувале со некој друг, па така ги има. Но никогаш кога зборувале меѓу себе.

Само ова доволно кажува кој снимал и прислушувал!

Ова што го имаме покажува дека од државната служба, УБК, направиле вистински монструм што слуша и контролира над 20.000 граѓани: опозиција, новинари, бизнисмени, невладин сектор, членови на Влада, на Парламент. Слушаат кога разговараме на политички теми, слушаат кога работиме, влегле во нашиот најинтимен дел од животот, прислушуваат кога зборуваме со нашите деца!

Апелираме до новинарите и медиумите трпеливо и концентрирано да ги следат сите детали од процесот. Целта е Вистината за Македонија да допре до целата јавност бидејки е од суштинско значење за граѓаните на Република Македонија.

Ја повикуваме и меѓународната заедница, внимателно да следи `се што објавуваме и очекуваме активно да се вклучи во овој процес во Република Македонија.

Ќе одиме чекор по чекор, поради ограничениот медиумски простор, поради сензитивноста на доказниот материјал и ситуацијата во општетството, но граѓаните ќе ја дознаат целата вистина – ДО КРАЈ.

Денеска ќе слушнете само мал дел од тоа што ќе следува.

И тој мал дел ќе ве запрепасти.

Денеска ќе слушнете како јас, Зоран Заев, сум следен и прислушуван во континуитет во последните неколку години. Сум бил следен и прислушуван и кога не бев лидер на СДСМ, како разговарам со мои партиски колеги,со луѓе од Општина Струмица, со граѓани, како разговарам со моите деца. Слушнете ги овие снимки.

Снимките што ги слушнавте, се само минимален дел од она што го поседувам како доказен материјал за мое незаконско следење и прислушување и следење и прислушување на опозицијата. Според информациите што ги имам, прислушуван сум и тонски сум сниман по наредба и со знаење на директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Но, не било отворено широкото уво на Никола Груевски и Сашо Мијалков само за опозицијата. Овие двајца луѓе, први братучеди, потпомогнати од неколкумина други, ги прислушувале и своите најблиски соработници. Груевски и Мијалков ја следеле министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Го следеле и вицепремиерот за финансии, кумот Зоран Ставрески.

Груевски и Мијалков го следеле и својот коалициски партнер од ДУИ, Али Ахмети. Ги следеле и Руфи Османи, Мендух Тачи, го следеле и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.

Повторувам, ова е само мал дел од `се што поседуваме како доказен материјал за противзаконското и криминално владеење во Македонија.

Како ќе ги отвораме доказите, така не ќе можете да поверувате, какви луѓе раководат со државата. Со какви механизми се служеле овие неколкумина, не бирајки средства, кон граѓаните на Македонија, кон опозицијата, кон свои најблиски соработници.

Почитувани граѓани,
Јас и опозицијата целосно ја имаме изгубено довербата во правосудните органи. Кривичната пријава ја поднесуваме за да оставиме трага, за да покажеме дека го почитуваме Уставот и законите во нашава земја.

Но, доколку Јавното обвинителство се одважи и покрене независна и транспарентна истрага, тоа јавно ќе го поздравиме, ќе бидат херои за идните генерации. `Се што треба е да се почитуваат Уставот и законите на Република Македонија, ништо повеќе или помалку.

Почитувани граѓани,
Ваква широка операција, на прислушување и тонско следење во ваков обем од преку 20.000 граѓани е невозможна без учество на Министерството за внатрешни работи, односно Управата за безбедност и контраразузнавање и без поврзаност со мобилните оператори.

Бидејки се шират лаги дека наводно прислушувањето го вршела неидентификувана странска разузнавачка служба, во Кривичната пријава, бараме вештачење на автентичноста на снимките, со што ќе се потврди дека се во целост веродостојни. Бараме вештачење од страна на стручна установа. Ова е посебно важно бидејки се работи за следење и прислушување со опрема единствена во државата, што ја поседува УБК и којашто што бара посебна специјалност на вешти лица, со што ќе се ослободат од притисоци овие лица врабитени во највисоките структури на МВР и УБК.

Независно од реакцијата на Јавното обвинителство, како лидер на опозицијата, којашто е цврсто решена да ги ослободи граѓаните од мракот, од молкот, од заложништвото на неколкумина кои ни ја имаат окупирано државата и ни ја одзедоа слободата и манипулираат со слободната волја на граѓаните, ве повикувам сите:

Следете ги чекорите кон Вистината за Македонија што ќе ги објавуваме во периодот што следува.

Продолжуваме…

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Митрески: Досега се нема случено во историјата на Собранието, ниту еден амандман да не е прифатен

(ВИДЕО) Тренчевска: ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за изградба на пречистителна станица за отпадни води

Горан Наумовски

СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по консолидацијата на СДСМ

Мицкоски „не е импресиониран“ од новото раководство на СДСМ

Каранфилова-Пановска: Убедена сум дека ќе го вратиме угледот, поддршката и победите на СДСМ

Конгресот го избра новиот состав на Централниот одбор на СДСМ

А1он