Инспектор од Охрид неовластено уништувал тони храна, а фирмите за тоа барале поврат на ДДВ

Од:

Санитарен инспектор од Охрид со години, без овластување, уништувал огромни количества храна на исти фирми пријавена со поминат рок по што тие барале поврат на данокот за додадена вредност. Оваа пракса траела со години иако ниту бил овластен за тоа ниту има доказ дали храната била расипана и уништена.

„А1 он“ дојде до документите што покажуваат дека само во последните три години инспекторот Новица Шуменковски, вработен во Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), одобрил уништување на над 500 тони храна и пијалаци. Со негов потпис се уништувале тони месо, кашкавали, сирења, алкохол, сувомесни производи, чоколади, апетисани, замрзнат зеленчук, кисела вода.

Инспекторот Шуменковски приближно на секои 60 дена по барање на фирмите ја пребројувал храната, правел записници и одобрувал да биде уништена. Извори за „А1 он“ велат дека не постојат докази дека храната била расипана, уште помалку дека била уништена, а постојат сомненија дека била продавана на рака и на црно. Фирмите, пак, врз основа на записниците си добивале пари од државата.

Аларм за ваквото уништување храна повела Управата за јавни приходи (УЈП), од каде што се посомневале во целата постапка поради огромните количини храна со поминат рок за кои исти фирми многу често барале поврат на ДДВ. Пред речиси два месеца од УЈП испратиле допис до Санитарниот инспекторат со барање да потврдат дали нивен инспектор уништувал храна со поминат рок.

„ДСЗИ изврши увид во предметите на Шуменковски и констатира дека наводите во дописот на УЈП се точни, односно посочениот инспектор поништувал прехранбени производи по барање на странки иако ДСЗИ нема надлежност да поништува прехранбени производи. Во записник за евиденција на решени предмети инспекторот ги означувал поништувањата како хигиенско-технички прием, терминал и друго поради што оваа активност на инспекторот не е откриена од страна на ДСЗИ“, објаснуваат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1 он“.

По увидот во предметите на Шуменковски, Инспекторатот повел дисциплинска постапка против него. Инспекцискиот совет, во согласност со Законот за инспекцискиот надзор, донел решение за одземање на лиценцата за инспектор на Шуменковски. По одземање на лиценцата, на инспекторот му престанува и работниот однос, па Инспекторатот донел решение за престанување на работниот однос.

Во моментот течат роковите за жалба против решението за одземање на лиценцата и против решението за престанување на работниот однос. Инспекторот Шуменковски нема објаснување зошто уништувал храна иако не бил овластен за тоа, но потврдува дека ги надминал надлежностите.

„Фирмите поднесуваа барања, јас одев и ја броев количината, правев записници за она што треба да се уништи. Барањата беа за комунален отпад, јас ги прифаќав и ги решавав. Стоката што се уништува е комунален отпад. Ја уништуваа фирмите во нивни контејнери или на депонијата. Сега Инспекцискиот совет има свој став. Да, сум постапувал надвор од надлежностите“, вели Шуменковски, кој не сакаше да коментира за одземената лиценца и за прекинатиот работен однос во Инспекторатот.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, како единствено надлежни за уништување храна, велат дека Шуменковски не е вработен кај нив ниту, пак, има добиено овластување за уништување храна. Агенцијата појасни дека и неовластеното уништување Шуменковски го правел непрописно оти храната со поминат рок задолжително се уништува на регистрирани депонии со кои стопанисуваат јавни претпријатија, а не во контејнери како комунален отпад. За колку пари Шуменковски го оштетил државниот буџет, институциите допрва ќе утврдуваат, а врз основа на тоа ќе бидат поднесени и соодветни пријави против него.

Би можело да ве интересира

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион

Мониторинг-мисијата на УНЕСКО на проценка во Охрид

Кражбата во средното училиште во Охрид ја извршила ученичка

Стоилковски: Непотизам во Охрид, роднината на Зечевиќ главен кадровик на СДС во општината

Катерина Ѓуровски

Ученици од прва до четврта година принудени да плаќаат за наметки и капи за матурантите

Орце Костов

Левица: Јавните претпријатија повторно во загуба иако ги покачија цените врз грбот на охриѓани