Инцидент во Велес, невакцинирано прваче утрово со полиција извадено од школо

Од:

Полиција и просветни инспектори биле повикани утрово во основното училиште „Блаже Конески“ во Велес откако родители на невакцинирано прваче одбиле да си го земат детето дома, дознава „А1он“. Првачето одело на школо од почетокот на учебната година, а утрово, кога го донеле на приредба за да даде свечена заклетва, од родителите било побарано да си го земат назад.

Мајката на првачето вели дека од вчера има забранет пристап во школото, оти одбивала да престане да го носи детето на училиште па вчера обезбедувањето ја пријавило во полиција и и забраниле да влегува во објектот.

„Поради мојата забрана, утрово Марко отиде на школо со баба му. Јас бев во близина и кога видов дека прават проблем што сме го донеле, влегов. Тогаш директорот повика полиција, просветен инспектор, општински инспектор и инсистираа да си го земеме детето. Полицијата и инспекторите се појавија пред сите 120 деца. Тие требаше да имаат приредба за да дадат свечени заклетви, но приредбата доцнеше оти директорот инсистираше Марко да си оди. Му направи невидена траума, пред сите деца. Тој цело време ѕиркаше и беше тука па моравме да го земеме и да си заминеме за да не го трауматизираме уште повеќе. Кога стигнавме дома почна да прашува – ќе одам ли во понеделник во школо? Дали полицијата ќе ве затвори сега? Цело попладне липа“ вели Тања Перкова, мајка на првачето за „А1он“.

Таа вели дека директорот на четврти септември ја известил дека нема да го запишат нејзиното дете, но Марко веќе бил на првиот училишен ден и Перкова продолжила да го носи и покрај известувањето.

„Требаше да ме извести до 15 јуни дека нема да ми го запишат детето, а не на 4 септември. Јас му кажав на директорот дека кога на писмено ќе ми покаже дека моето дете нема право на образование затоа што сме избрале да не го вакцинираме, тогаш ќе го повлечеме. Но таков документ не постои и моето дете има право на образование. Јас 40 дена, колку што Марко оди на училиште, трпам малтретирање, ме пријавуват во социјални служби и ме притискаат да си го земам детето, но каде да го запишам, зошто да му биде скратено правото на образование?“, се пожали Перкова.

Таа одлучила да не го вакцинира првачето поради лошо искуство со поголемото дете кое на шестмесечна возраст по вакцината добило тромбоцитопенија па поминале низ големи маки. За да не им се повтори, одлучиле Марко да не го вакцинираат.

Од СВР Велес велат дека полицијата нема обврска да ги санкционира невакцинираните првачиња, но има обврска да дејствува кога ќе биде нарушен јавниот ред и мир, но дали утрово имало инцидент во училиштето дополнително треба да проверат.

„Таму имаше некаква пријава но за вчера и мислам дека се покажа дека се работи за лажно пријавување. Денес до 15 часот немаше таква пријава. Дополнително треба да провериме дали наша екипа била повикана во школото“, рече Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес за „А1он“.

Перкова вели дека заедно со сопругот, кој исто како неа дошол во училиштетото, побарале од полицијата да направи записник за целиот настан, на што присутните полицајци им рекле „немојте да ни кажувате како да си ја вршиме работата“.

На телефонскиот број на училиштето „Блаже Конески“ никој не одговара. „А1он“ ги постави прашањата за инцидентот со првачето на „Фејсбук“ страницата на училиштето. Пораката веднаш беше прочитана, но одговор нема ниту на „Фејсбук“.

Би можело да ве интересира

Се расправале за поправка на автомобил, механичарот пукал во муштеријата

Катерина Ѓуровски

Турчин пронајден мртов во хотел во Охрид

Екс-директорот го украл ехо апаратот од болницата во Кичево

Двајца велешани нападнале полицајци, насилниците завршиле во станица

Горан Наумовски

Измамема жена од Велес, останала без 600 евра

Уапсен полицаец, во ѕидовите од неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра