Има разлика во известувањето на МТВ за изборите – Проверено!

Од:

Кога Советот на јавниот радиодифузен сервис, неговиот генерален директор и главните уредници, како и уредниците на редакциите и уредниците имаат висока свест и знаат дека се репрезенти и заштитници на јавниот интерес на СИТЕ граѓани, тогаш треба себеси да се препознаваат како професионалци кои не промовираат ниту еден кандидат понагласено.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

 

Јавниот радиодифузен сервис, според препораките на ЕБУ (EBU, Eurepean Broadcasting Union), (треба да) има важна улога за време на изборите и додека трае предизборната кампања. Медиумите кои ги финансираат граѓаните, во нашиот случај Македонската телевизија, за време на овие политички активности треба да бидат водечки медиуми во однос на довербата на публиката со тоа што ќе обезбедат објективни, неутрални и непристрасни информации врз основа на кои сите граѓани ќе можат да ги проверат или креираат своите мислења и ставови, и тоа го одредува начинот на кој треба да се проследи една изборна кампања.

Јавниот радиодифузен сервис, според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, е репрезент на јавноста и на јавниот интерес, а тоа, пак, ги одредува прашањата што за време на изборите треба да ги адресира МРТ.

Тука веднаш да кажеме дека „студијата на случај Македонија и МРТ“ е еден од примерите за медиумска шизофренија бидејки сите сегменти на јавниот радиодифузер кои треба да бидат елементи во интерес и во служба на јавниот интерес, се под силен притисок и влијание на партиципиентите на извршната власт. Управните тела на МРТ, односно Советот, Управниот одбор, Генералниот директор, а потоа и главните уредници на одделните програми, на редакциите, како и најголем дел од новинарите, заради начинот на финансирање и заради начинот на избирање и именување на луѓето на главните позиции, се максимално партизирани и со тоа е порекнат, уште на стартот, принципот на непристрасност и независност.

Оттаму, нема да откриеме ништо ново кога ќе кажеме дека оваа лекција, заради претходно опишаната ситуација, ќе се движи во рамките од „како би требало“ до „како е“.

 

1. Непристрасно и независно

 

Препораките, како оние кои доаѓаат од ЕБУ, кои се сублимирани врз основа на искуствата на најдобрите европски традиции на јавните бродкастери, велат дека кога новинарите и јавниот медиум ќе се најдат во ситуација на континуиран притисок, или под контрола на било какви центри на моќ (најчесто политички, но и економски, или криминални…), нивниот углед и кредибилитет е компромитиран, а довербата драматично опаѓа. Со тоа се губи суштината на јавните радиодифузни сервиси – заштитата на јавниот интерес која се извлекува од пресекот на граѓанските структури на едно општество.

Кога Советот на јавниот радиодифузен сервис, неговиот генерален директор и главните уредници, како и уредниците на редакциите и уредниците имаат висока свест и знаат дека се репрезенти и заштитници на јавниот интерес на СИТЕ граѓани, тогаш треба себеси да се препознаваат како професионалци кои не промовираат ниту еден кандидат понагласено.

Rabotni-aktivnosti-kako-del-od-kampanjaРеалноста зборува нешто друго. Прегледот на статистиката, направена врз основа на објавените содржини на МТВ на нејзиниот вебсајт во периодот од 5 до 11 април, вели: 16 прилози за најголемата владеачка партија и нивниот кандидат Иванов, а за најголемата опозициска партија и нивниот кандидат 9 содржини.

Но, тоа не е сѐ. МТВ не може никако да го оправда тоа што во текот на изборната кампања, во текот на нивниот дневник беа емитувани исклучиво афирмативни прилози за активностите на владата.

Во периодот што го следевме за потребите на оваа лекција беа објавени 27 такви содржини. Тие секако одат на контото на само една партија, владејачката. Тоа не е из балансирано новинарство што треба да биде репрезент на јавниот радиодифузен сервис.

Препораките за новинарите во јавните медиуми велат дека тие никогаш нема да прифатат било какви финансиски понуди, ниту пак ќе бидат вклучени на било каков начин во предизборната и кампања.

Во спротивно, тоа ќе влијае на нивната независност, ќе ги стави во позиција на конфликт на интереси и ќе го наруши нивниот кредибилитет. Новинарите нема никогаш преку јавниот медиумски сервис нема да го презентираат личното политичко убедување.

Еден од најамасовните прекршоци за време на актуелната изборна кампања е неправњето разлика меѓу она што е известување од изборна кампања и известување за редовните активности на владејачката коалиција, односно водечката партија во таа коалиција.

Како што споменавме претходно, на сајтот на јавниот радиодифузер регистриравме27 прилози и извештаи за активности на владините функционери за настани кои не е неопходно да се организираат за време на изборна кампања или за настани кои не зсалужуваат ама баш никакво медиумско внимание.

На пример, еден од поважните министри посетил градежна локација за изградба на пешачка патека покрај едно наше езеро, иако за истиот тој настан црвените ленти и лопати беа медиумски експонирани два месеци пред кампањата.

Nesporedliv-e-brojot-na-aktivnosti-na-vladiniteИли, од каков медиумски интерес токму во врвот на кампањата е посетата на министерот за финасии на една фабрика во Гевгелија. Или дека догодина ќе има субвенции за земјоделците?!? Догодина?!?

Препораките упатени во јавните медиумски сервиси нагласуваат дека мора да се разликуваат прилозите кои известуваат за предизборните кампањи од оние кои јавуваат за редовните активности на владата која во тој момент е на власт. Но, дури и тогаш, за јавните радиодифузни медиуми посебно важи препораката да се води сметка за избалансираност, при што предноста на владејачките партии за време на изборна кампања се компензира со задолжителните правила што произлегуваат од Кодексот на новинарите за два извора, за неутрално експертско мислење, за пропорционалност…

Препораките уште велат дека во периоди на изборни кампањи, уредниците и новинарите во јавните медиумски сервиси треба постојано да си ги поставуваат следните прашања: Што навистина ги интересира гласачите и какво е нивното мислење за тие теми? Новинарите треба да ги постават важните прашања како што се: што е направено, но и што не е направено? Дали и зошто има контроверзи околу некои прашања? Дали има конфликт на интереси во активностите и постапките на владините функционери? Дали придобивките од ветувањата и од одработеното, при што се користени пари на граѓаните, се пропорционални на јавниот интерес на граѓаните и на интересните групи или се концетрирани само на кругови блиски до владејачките партии?

Како и да е, суштинската препорака вели: Кандидатите за јавни функции на владејачките партии не смеат да стекнуваат предност со медиумско покривање на нивните редовни активности. Примарна цел на јавните медиуми е да не им додаваат привилегии на оние кои се на власт за време на една изборна кампања.

 

2. Дебата со вкус на една боја

 

Јавните радиодифузери се слободни, според логиката на јавниот интерес, да го креираат концептот на кој начин ќе известуваат за кампањата. Дебатите на претендентите на јавните функции се еден од најатрактивните модели за презентирање на ставовите на кандидатите за врвните функции како што се претседателската, премиерската или дебатите меѓу носителите на кандидатските листи на политичките партии во една иста изборна единица.

Дебатите им даваат на политичарите да се соочат меѓусебно, но и да се соочат со јавноста. Прашањата за канадидатите во дебатите мора да бидат директни, суштински, провокативни и пропроционално распоредени за секој кандидат. Во секоја дебата, ммодераторот, новинарот водител, е гласот на народот. Како новинар во јавниот сервис, модераторот мора да ги постави оние прашања што ги посакува публиката.

Дебатите не се обврзувачки ниту со закон, ниту, пак, со правилата за однесување на политичарите и медиумите за време на изборната кампања, но нивното одржување, сепак, ја отсликува политичката култура и степенот на демократија во една земја. Во такви ситуации, инсистирањето на јавниот радиодифузен сервис на телевизиско соочување на кандидатите е очекувано, и тоа од позиции на јавниот интерес на сите граѓани, а не од аспект на една политичка пратија.

МТВ пред првиот круг од претседателските избори организираше дебата на која учествуваа сите кандидати што претендираат на претседателската функција. Но, и пред емитувањето на дебатата, во најавите за неа, како и после дебатата, многу видлива беше пристрасноста кон кандидатот на владејачката коалиција. Така констатира ианализата објавена на Сервисот за проверка на фактите:

„По завршувањето на дебатата на МРТВ се води „експертска“ дискусија на која се поканети само гласноговорници на владејачката партија, а ниту еден критичар.  Откако единствено Иванов не се појави на дебатата организирана од страна на НДИ, МТВ продолжи со оцрнувачката стратегија „манипулација со пристрасни експерти“. Имено, во прилогот „Боцевски: Иванов сигурен, Пендаровски неподготвен на ТВ-дебатата“ како „независни“ експерти кои негативно го претставуваат кандидатот Пендаровски се јавуваат: близок соработник на Иванов – портпарол и министер на владата на Груевски и професорка која не успеа да собере потписи за кандидатура за претседател.“

Фрејмувањето што го направи јавниот сервис МТВ во однос на претседателската дебата, не е нешто што е во согласност со препораките и стандардите кои се однесуваат на известувањето за избори.

 

3. Во интерес на јавноста и одговорно

 

Јавните медиумски сервиси се обврзани и со Законот за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, но многу повеќе заради обврските кон СИТЕ граѓани што ги претставуваат, да обезбедуваат дополнителни информации и документи кои ќе го поддржат известувањето за изборните активности и во смисла на запознавање на изборните правила и можности на различните категории граѓани.

Довербата во јавниот сервис, доколку не е загубена, не смее да биде изложена на ниту ризикот да биде изгубена заради пристрасноста. Кога еднаш ќе се загуби, довербата тешко се враќа, а изборите се секогаш тест за проверка зашто тогаш на проверка е врвниот принцип на јавните радиодифузни медиуми – дека се сервис на сите граѓани без разлика на нивната етничка и социјална припадност и без разлика на нивните политички преференци.

ekspertiОттаму многу сомнително е континуираното користење нааналиитичари или експерти кои застапуваат само една страна како што беше прилично забележливо во известувањето на МТВ во првиот круг претседателски избори.

Или, пак, манипулацијата со интересите на една етничка заедницазаради придобивање на гласовите што, исто така, беше забележано во информативните програми поврзани со изборите.

На крајот, одговорноста се огледува и во степенот на транспарентност. За време на изборните процеси јавните медиумски сервиси треба да се во центарот на вниманието на јавноста.

Секоја манифестација на пристрасност, на потпаѓање под влијание на една политичка партија, или на коалиција од партии, секое селективно известување или било каква манипулација со некоја група, етничка заедница, го руши угледот на јавниот радиодифузен сервис.

Последните препораки на ЕБУ, но не и најмалку важни, туку напротив, исклучително значајни се оние кои укажуваат на тоа дека исполнувањето на принципите за фер и избалансирано известување за изборните активности за еден јавен радиодифузен медиум зборуваат дека и тој е дел од оние фактори кои ги промовираат и заштитуваат добрите демократски практики.

Извори:

1. „EBU principles for election coverage in new and developing democracies“, EBU, February, 2014

2. „Public media and political independence: lessons for the future of journalism from around the world“, By Rodney Benson and Matthew Powers New York University, Department of Media, Culture and Communication, 2011

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска