Има пари ама… ИПА

Од:

Само што го завршив кварталниот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ. Тема на истражувањето овојпат е фамозната ИПА и колку Македонија навистина умее да ги искористи средствата што ги има на располагање. Заклучокот е поразителен. Сепак, многу повеќе разочарува тоа што никој – повторно – нема да биде виновен за тоа и Владата и натаму ќе не убедува (и тоа успешно) дека работела 24/7.

Еве што вика математиката! Македонија има вкупно €620 милиони на располагање од ЕУ за периодот 2007-2013. Станува збор за неповратни средства, не за кредити! Средствата се поделени во пет компоненти (за градење институции, за прекугранична соработка, за регионален развој за развој на човечки ресурси и за развој на земјоделството). До крајот на 2011 година, Македонија има искористено само околу €90 милиони. Тоа по компоненти изгледа вака:

Кај I-компонента на ИПА, од вкупно €243 милиони, Македонија има целосно потрошено околу €48 милиони и во моментов троши дополнителни €20 милиони, односно само €68 милиони. Тоа се средствата испрограмирани за 2007 и 2008. Проектите што ќе се финансираат од 2009 и 2010 воопшто не се ни почнати. Да потсетам, кај европските средства не се применува „ребаланс на буџет“. Тоа практично значи дека парите што не се искористени се губат неповратно. До крајот на годинава, ако не се повлечат средствата за 2009 година, Македонија ќе изгуби околу €37 милиони. Заклучокот овде е многу јасен – ако нас ни требале 5 години за да потрошиме €68 милиони, тогаш е извесни дека на крајот на годинава Македонија ќе се збогува со значителен износ на неповратни средства.

Кај II-компонента за прекугранична соработка ситуацијата е уште полоша. Македонија има на располагање вкупно €32 милиони за прекугранична соработка за периодот 2007-2013. Овде се веќе изгубени средства од 2007 година во износ од €1,3 милиони. Заклучно со декември 2011 година, Македонија има целосно искористено неполни €2 милиони. Да напоменам дека се уште немаме добиено акредитација за таканареченото децентрализирано управување кај оваа компонента од Европската комисија што зборува за ограничениот капацитет на Владата која и по 6 години од постоењето на ИПА се уште го нема постигнато основното.

Кај III-компонента за регионален развој Македонија има на располагање околу €200 милиони. Од оваа компонента е предвидено да се финансираат фамозниот Коридор X (делницата Демир Капија – Смоквице) и пречистителната станица во Прилеп. Но, бидејќи не може ништо кај нас без проблеми, прекрстувањето на автопатот Е-75 во Александар Македонски имаше прилично висока цена. Тоа не чинеше €50 милиони од грчката помош (неповратна), и ни ја искомплицира и целата финансиска конструкција од каде што дел (€27 милиони) беше планиран од оваа компонента на ИПА. Самата финансиска конструкција се менуваше од ден во ден и така ако во 2009 година Владата тврдеше дека автопатот ќе не чини €250 милиони за изградба на 28 км, подоцна таа бројка порасна на €320 милиони (од кои €45 би дошле од ИПА како неповратни средства, €130 милиони како кредит од Еврропска инвестициска банка, €90 милиона кредит од Европска банка за обнова и развој и €55 милиони од Буџетот на РМ). За жал, дури и во вакви околности, градежните работи не се почнати. Досега, мал дел од средствата од оваа компонента (околу €12 милиони) се искористени за пречистителната станица во Прилеп, (што патем, исто така, се спроведува многу бавно).

Кај IV-компонента за развој на човечки ресурси, состојбата е следна. Македонија има на располагање вкупно €55 милиони за периодот 2007-2013. Засега, заклучно со јануари 2012 година, Македонија има целосно искористено само €3,46 милиони, а има склучено договори во вкупна вредност од €9,78 милиони. Вреди да се спомене дека оваа компонента е предвидено да се спроведува во форма на грант-шеми наменети за крајните корисници кои во случајов се: синдикатите, Агенцијата за вработување, млади, училиштата, особено средното стручно образовабние и образованието на возрасни, маргинализирани групи со проблеми при вработување како што се етнички жени, лица со пречки, Роми итн. За жал, админситрацијата на Македонија нема целосно спроведено ниту една грант-шема. Засега има еден неуспешен обид за реализација на грант-шема која се уште не е јасно дали воопшто ќе ја бидне. Имено, станува збор за грант-шемата за обезбедување помош на етнички жени при вработување, вредна €1,7 милиони. Повикот за доставување предлог-проекти беше објавен во јуни 2010 година и до ден денеска не се знае кои и кога (и дали воопшто) ќе добие некакви средства за да спроведе проект. Ако на македонската администрација и се потребни две години за да реализира едноставна грант-шема од €1,7 милиони, тогаш нејасно е како остатокот од парите (околу €40 милиона) ќе бидат спроведени благовремено за да не ги изгубиме?

Слична ситуација имаме и кај V-компонента со која толку многу се фалеше Владата, па дури се споредуваше со Хрватска. Македонија има на располагање €88 милиони за периодот 2007-2013 и учествува во само три мерки (инвестиции во земјоделски стопанства, преработка/маркетинг на земјоделски производи и диверзификација и развој на рурални економски активности). Досега се објавени 5 јавни конкурси и интерсот за конкурирање кај земјоделците постојано се намалува. Потпишани се вкупно 150 договори, но исплатени се само €1,5 милиони. И овде е извесно дека ќе се изгубат значително средства до крајот на годинава.

Не знам дали треба дополнителен коментар? Проблемот со ИПА датира уште од 2007 година кога Владата реши да ја смени администрацијата. Последиците од таа грешка ги гледаме сега. Мислам дека бројките зборуваат сами за себе. Тие се единствениот индикатор за капацитетот на Владата. Во случајов не станува збор само за реализација на европската агенда на Македонија, туку и за спроведување на реформите воопшто во државата.

Уште многу, многу интересно наоди има во нашиот квартален извештај „Има пари ама…“ што можете да го најдете на веб-страницата на Македонскиот центар за европско образование (www.mcet.org.mk). Ви препорачувам да го прочитате и можеби тогаш ќе се развие вистинска дискусија во Македонија за капацитетот на власта, на институциите и на сите други целни групи, вклучувајќи го и граѓанското општество.

Лидија Димова

 

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска