Во март 2013 година, за време на изборната кампања на минатите локални избори, тогашниот премиер Никола Груевски, на митинзите најавувал дека доколку на изборите победеле нивните кандидати за градоначалници, партијата имала во план во наредните четири години да реализирала 10.112 проекти (и со букви десет илјади сто и дванаесет проекти!).
Четири години подоцна, на почетокот на новата ера, односно на 21. август 2017 година, во отчетот за сработеното на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјавил дека „нашите градоначалници реализираа над 10.000 проекти“. Во реалистична варијанта, ова над 10.000 реализирани проекти би требало да коренспондира со во старата ера најавените 10.112 проекти, што значи дека оствариле 100 посто од ветувањата. Иако ова „над 10.000 проекти“ е неодредена величина, така што може да биде толкувано и како скромни 10.001 проект, но и како величествени 10.999 проекти; сепак, многу поверојатна е вторава бројка бидејќи од владеењето на Груевски се уверивме дека за оваа генерација Вмровци само небото им е граница во успехот.
За што е можно пореална анализа за билансот на вмровските градоначалници во изминативе четири години, за најверодостојна би ја земал бројката од 10.112 проекти кои биле реализирани во 55-те вмровски општини плус Градот Скопје. Иако не е најпрецизно, сепак функционален ориентир за сработеното во четиригодишниот им мандат може да се добие ако 10.112 проекти се подделат со 56 општини заедно со Град Скопје, при што испаѓа (брат-брату) дека по 181 проект се реализирал во секоја локална единица управувана од вмровски градоначалник. Вклучително и во омилените му на Влатко Ѓорчев Чешиново и Облешево.
Ако се оди понатака и 10.112 проекти се поделат со 4 години мандат, тоа е еднакво на 2528 реализирани проекти секоја година или поделено со 365 дена во годината, се добива по 6.9 проекти секој ден. Значи, за четири години, во општините во Македонија каде власта му припаѓала на ВМРО-ДПМНЕ, облигаторно се завршувале по 7 проекти дневно. Нема слободен делник, нема неделник, нема празник, нема годишен одмор. Седум сечени ленти ултимативно секој ден во последниве четири години. Меѓутоа, истовремено морало да има и по седум фрлени лопати секој ден, бидејќи нешто за да се завршило, најпрво морало да се започне. Математиката е неумолива и егзактна наука, а и логиката го потврдува овој заклучок.
Каде е во оваа весела математика мојата Кисела Вода, една од најголемите општини во државата? Деновиве во поштенско сандаче нѝ беше поделен флаер испратен од општина Кисела Вода, насловен „Реализирани проекти во Кисела Вода, Припор и Расадник 2013-1017 година“. И во него таксативно наведени 37 реализирани проекти. Според мојата пресметка, испаѓа дека се во була за 144 проекти. Ако не се до толку скромни, па да решиле да ги објават само најмаркатните проекти, а поневажните да ги занемарат. Доколку, сепак, е така, тогаш испаѓа дека за најмаркатни кои ги наведуваат во флаерот им се проектите како „обележување на спортскиот терен во спортската сала „Архиепископ Теодосиј““, „висинско подигање на шахти со павер елементи на ул. „Христо Татарчев““, „реконструкција на фекална и атмосферска канализација на ул. „Козјак““, „чистење на депонии“. Ставено сè така на ѓутуре, да не знае човек што е тековно оддржување и активности, а што развојни проекти.
Само од овие пар примери за реализирани проекти воочлива е манипулативноста во презентација на направеното. Така, иако изградбата на спортската сала „Архиепископ Теодосиј“ е еден проект, сепак она што спаѓало во склоп на нејзината изградба – фекално приклучување и одбележување на спортскиот терен, се претставуваат како два други – одделни проекти. Понатака, во флаерот на општина Кисела Вода, изградбата на спортската сала „Архиепископ Теодосиј“, со реконструкција на фекалниот приклучок и одбележувањето на спортскиот терен се наведени како различни проекти кои еднаш биле реализиран во Кисела Вода, а втор пат во Припор. Со ваква калкулација, само поради скромноста на Груевски се изброиле над 10.000 сработени проекти; да бил лаком (каков што не е) лесно можело да се дојде и до бројката од 100.000 сработени проекти за четири години.
Без сомнеж, најмаркантниот и највпечатлив проект кој бил реализиран во Општината во изминатите четири години е прво наведениот во флаерот – Нов дом на културата во општина Кисела Вода „Кисела Вода – Кино“. Инвестиција во висина од 51.000.000,00 денари или 830.000 евра. Пари за кои најголем број од жителите на Општината ќе ви речат дека се фрлени во бунар бидејќи откако е отворен објектот ниту граѓанин влегол во него, ниту некој знае како изгледа внатрешноста, ниту за што му е намената. Кино во кое до сега ниту еден филм не бил прикажан, ниту една театарска претстава одиграна, ниту еден концерт испеан. Промашена инвестиција е само еуфемизмот за она за што жителите на Кисела Вода тврдат дека се испрани народни пари за приватни џепови.
Во овој отчет за сработеното не се споменува и што било ветено пред четири години, но на крајот од мандатот не било сработено. Како жител на општина Кисела Вода, мене ме интересира што стана со проектот за дислокација на Центарот за лечење на зависници, кој во кампањата во 2013. го најави тогашната кандидатката за градоначалник на општина Кисела Вода, Биљана Беличанец, заедно со тогашниот министер за здравство Никола Тодоров? Тогаш двајцата гледаа во камери, а преку нив директно и во очи на секој жител на Општината и им ветија, доколку Беличанец постане градоначалник на Кисела Вода, дека ќе го дислоцира Центарот за лечење на зависниците. Не дека лично ми пречи што Центарот е во мојата Општина, меѓутоа, како тврдеа – „зборот е збор“.
Она што највеќе ги засега жителите на Општината е што немаат Поликлиника, а за што за 12 години власт ВМРО-ДПМНЕ не најде за сходно да прозбори, а не да го реши проблемот. Затоа имаме апсурдна ситуација, жител на општина Кисела Вода, на пример Билјана Беличанец, која живее на само 600 метри оддалеченост од поликлиниката Јане Сандански, за дежурна здравствена заштита да мора да оди шест километри далеку, во поликлиниката во Драчево, бидејќи така е определено со територијалната поделба. Според која анализа за приоритетни потреби на жителите на Кисела Вода општинското раководство решило да се прави нефункционален нов дом на култура, наместо старото кино да се преадаптирало и доградило во поликлиника, само еден Господ знае и нивните клептомански умови.
Факт е дека досегашната градоначалничка на општината, актерката Биљана Беличанец, се покажа како исклучително неуспешна, незаинтересирана и неспосона да раководи со Општината, што имплицитно го признава и партијата чиј кандидат таа беше – ВМРО-ДПМНЕ, штом не ѝ укажа доверба за втор мандат. Исто како што направи и со претходните вмровски градоначалници. Општината е континуирано во власт на ВМРО-ДПМНЕ од 2005 година, почнувајќи со тогашниот градоначалник Џорџе Арсов, кој од партијата не само што не доби можност за втор мандат, туку по завршувањето на мандатот сериозно беше под закана да заврши во апс, во тогаш најавената од Никола Груевски бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата. Тоа беше време кога се најавуваа партиските „тројки“ кои ќе го чешлале работењето на своите членови во државните органи. Џ. Арсов беше посочен од Државната комисија за спречување корупција дека како градоначачник проневерил 11 милиони денари. За да го избегне веќе најавеното приведување со лисици пред камери, екс градоначалникот привремено се задскри во САД, додека се испеглаат работите во партијата, за, по неколку месеци, триумфално да се врати во Македонија на позицијата директор на Државниот просветен инспекторат.
Неговиот наследник Марјан Ѓорчев, според мој кредибилен извор од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу членството на партијата важел за еден од најантипатичните членови и него никој не можел да го смисли за кандидат на партијата за градоначалник на Кисела Вода. И покрај тоа, тој добро пливал – бил избран лично од Никола Груевски, со претпоставка дека Груевски чувствувал некаков долг кон него, по неуспехот на Ѓорчев да биде избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, како противкандидат на Груевски. И Марјан Ѓорчев не добил можност за втор мандат како кандидат за градоначалник, што значело дека и за него партијата признала дека бил неуспешен градоначалник, но, како и Џорџе Арсов, и тој нашол ново ухлебување на буџетски јасли – бил испратен за амбасадор во Република Бугарија.
Доаѓаме до Биљана Беличанец, за која никој од поширокото членството на партијата не знаел дека воопшто била член на ВМРО-ДПМНЕ сè до последниот минут, кога требале да се предадат кандидатските листи за градоначалници во ДИК. Преку ноќ станала член на партијата и кандидат за градоначалник, веројатно, повторно по избор на лидерот, но со вечна темна дамка врз нејзината вмровштина – партиската книшка и била антидатирана за да се претставила за што е можно постар член на ВМРО-ДПМНЕ. По напуштање на градоначалничката фотеља, недефинирани ѝ се партиските амбиции, но со можност да биде квалификува и за член на ветеранките на ВМРО-ДПМНЕ, раме уз раме, гради уз гради, со Доста Димовска, Ратка Димитрова, Џулистана Марковска… Колку била успешна како градоначалник зборува фактот што партијата не ѝ дала можност за повторна кандидатура.
И, после сè, што да се заклучи од изнесеното?! Во една нормална демократска средина, со граѓани кои имаат основна политичка култура, после овие три дебакли на ВМРО-ДПМНЕ со избори за кандидати за градоначалници на општина Кисела Вода, не би треало да постои дилема за гласачите дека оваа партија веќе не заслужува нов мандат за свој градоначалник. Но како тоа да му се објасни и да биде прифатено од гласач од Припор или Драчево, кој знае да каже „не зорувај лошо за ВМРО, зашто исто како мајка да си пцуел“!? Како да му објасниш и да прифати дека Јохан Тарчуловски нема ниту образование, ниту способност да раководи со Општината, дека е со деликвентско-криминално досие од младоста, ако веќе робијата во Хаг му ја смета за патриотски чин?
На раководството на ВМРО-ДПМНЕ му е познат овој ментален склоп и интелектуално ниво на доминантното население во Општината и од тие причини секогаш приоритет и средства од централната влада за инвестиции им се доделувале на градоначалниците во општини како Карпош, Аеродром, Центар, каде демократската култура на гласачите е поразвиена и каде вакво искуство – да се има неуспешни градоначалници, а партијата пак да победува на изборите – е невозможно.
За жал, жителите на Кисела Вода, со својот избор на трите последователни градоначалници, убедливо ја потврдија вистината на зборовите на Аристотел: “сè додека гласовите на двајца овчари вредат исто колку и мојот глас и гласот на Платон, јас во демократија не верувам!”.
д-р Ненад Живановски