Игри без граници

Од:

…A мојот живот, игри без граници, уморна приказна, скинати страници, празни неиспишани… Оваа тажна песна, која Тоше Проески ја промовираше само неколку дена пред трагичниот настан од 2007, ги одбележа крајот на неговата кариера и неговиот млад живот. Тоа не беше само мелодија со перфектни рифови и совршен глас, тоа беше и неговата лична филозофија на животот. Ја имав честа да се дружам со Тоше и постепено да ја запознаам неговата личност. Покрај професионалната соработка со него и сo неговиот тим, наоѓавме време и за пријателска дружба. Се среќававме и случајно и низ европските или балканските метрополи, каде што обврските ќе нѐ однесеа.

Како и секој од нас, и Тоше во животот се соочуваше со падови и со порази. Но, секогаш поседуваше некоја позитивна енергија и во најтешките мигови беше голем оптимист. Успеваше да се справи со проблемите, и секогаш да ја задржи својата препознатлива насмевка и мистичен поглед. Кога во 2005 година настапи во Кралската палата во Брисел, во европската престолнина, по повод големиот европски исчекор на Република Македонија во ЕУ, заедно со Симон Трпчевски, одржа класичен концерт за паметење. „Го обоивте Брисел во боите на Балканот и тактовите на Македонија“, забележа тогашниот амбасадор на Холандија во НАТО, Кај Ајде. И останатите амбасадори на дипломатскиот кор на Белгија, највисоките европски функционери со нивните сопруги, кои беа присутни, останаа без здив, воодушевени и импресионирани од квалитетната изведба на нашите најголеми музички имиња. Ги дегустираа и најдобрите македонски вина. Македонија навистина имаше што да понуди. Толку мала, а толку богата земја, со толку различно и импресивно културно наследство, ми комплиментираше мојата драга пријателка Вероник Суле од „Либерасион“.

Навистина беше чест да се биде Македонец, што би рекол нашиот Таско. Иако во Европа, студирав и работев од 1998 година, следејќи ги од далеку сите турбуленции на Балканскиот полуостров, таа 2005 година, за прв пат почувствував дека мојата татковина е на чекор до својот евроатлантски сон. Политиката која се водеше во тоа време, ми влеваше многу поголема надеж дека чекориме по вистинскиот пат. Бев убеден дека за некоја година ќе добиеме покана за членство, без разлика на партијата која ќе биде на власт.

Ситуацијата во Македонија ниту тогаш не беше розова, но сепак беше пооптимистичка од денешната. Граѓаните располагаа со повеќе средства, кредитите полесно се отплаќаа, а нашите луѓе почесто патуваа, независно од тогашниот визен режим. Државата не беше толку задолжена како денес, а со скромниот буџет се управуваше многу подомаќински. Во јуни 2006 година, ДПМНЕ вешто ја презеде топката од СДСМ, дојде на власт, благодарение на ветувањата на Никола Груевски. Во медиумите, кои во тоа време беа слободни и вон контролата на власта, Груевски беше претставен како современ политичар и антинационалист, кој во внатрепартиската битка успеал да го победи основачот на ВМРО-ДПМНЕ, конзервативниот Љ.Георгиевски. Голем број новинари кои доаѓаа во Брисел, со голем пиетет зборуваа за младиот Груевски, кој уште како министер за финансии се докажал со својата упорност и работливост. Си помислив, еве, Македонија станува модерна демократија, со перфектни избори, демократска транзиција на власта и држава која набргу ќе стане дел од евроатлантското семејство.

Како што поминуваа годините, како што периодично го возев хрватскиот автопат покрај проклетата Градишка, помислував на пејачот, на неговите зборови, совети, на последната средба. Како се редеа мемоарите и омажите за Тоше, така во мене бледееше сликата за македонскиот демократски и финансиски Ел Дорадо. Почнав да среќавам многу млади разочарани луѓе, од животот и од новосоздадениот менталитет во родната Македонија. Многу мои пријатели од нашата генерација, генерацијата на Лего коцките и на Мек Доналдс, решија својата среќа да ја побараат во белиот свет. Јас се вратив во моето Скопје, иако сум роден во Париз, каде моите родители се запознале. Но, ме влечеше оваа наша намачена Македонија. Исто како песната на Бајага за неговите другари, кои се распрснале низ светот, така и моите почнаа да заминуваат.

Марија беше студентка на Филолошкиот Факултет во Скопје, а паралелно се занимаваше со манекенство. Но, со тоа не можеше да заработи ни за просечен живот. Ги напушти студиите и во 2011 замина за Дубаи. Таму работи како хостеса во ноќен клуб, каде богатите шеици и даваат и по 100 долари бакшиш. На своите родители во Струмица им испраќа и по 1.000 долари месечно. Нејзиното помало братче е главна фаца во градот, ги врти сите женскички, а таткото на Марија, пак, се прчи со нов „пасат“, кој го отплаќа ќерката. Останува енигма дали таа е само хостеса, или можеби понекогаш и придружничка по јахти, како што е Симона, која е таму две години пред Марија. Нејзината тарифа била 500 долари за вечер, речиси две македонски плати.

Слична е приказната и за Ристе од Дебар Маало, економист, татко на две деца. Работел во едно јавно претпријатие. Не сакал да си го стави својот потпис на некои фактури, ниту на членската книшка на ДПМНЕ, поради што бил деградиран од претпоставените на ниво на хаус мајстор. Достоинството не му дозвоило да мери ходници. Дал отказ и заминал за Норвешка. Таму работи на платформа за нафта, со што месечно вади до 2.500 евра, или 10 македонски просечни плати.

Горанчо од Виница, заљубеник во кик бокс, работел во МВР и важел за еден од најдобрите специјалци. Неколку пати го обезбедувал на митинг едниот од лидерите на СДСМ, иако никогаш не бил партиски активист, ниту пак политиката била во неговата сфера на интерес. Бил разрешен и поставен на Бит Пазар, да фаќа ситни џепароши по тезгите. Не успевајќи да се помири со тоа, решил да замине во француската Легија на странци, каде што за брзо време се пробил до командир и заработува 50.000 евра годишно. Тоа не е лагоден живот, и покрај многубројните легенди и стории за легионерите. Пред една година неговиот колега од Валандово, загина на мистериозен начин – според една верзија, во опасна мисија во Џибути, Африка, а според друга верзија, во сообраќајна несреќа.

Ќе се врати ли Горанчо жив од Легијата на странци ? Ќе ја има ли и неговото дете татко кој ќе го однесе некогаш во Луна парк или во Зоолошка градина ? Ќе стане ли Марија скапа колгерла? Ке почне ли да влече бело, ако веќе не се навлекла? Ке се запали ли платформата на која работи Ристе? Ќе ја заврши ли куќата во Дебар Маало, која сѐ уште е на ниво на карабина? Ова се само неколку од илјадниците неиспишани приказни на луѓето од мојата генерација, кои се родија и научија да читаат и пишуваат за време на комунизмот, а полнолетството го достигнаа во независна Македонија. Зошто тие заминуваат?

Имам чувство дека во Македонија живеат три генерации на младите. Едни кои се невработени, живеат со родителите и чекаат од тато и мама по некој денар за нивната дневна или ноќна шема, надевајки се дека со или без диплома, ќе успеат да се вработат. Други, кои се целосно разочарани, подготовени да го фатат првиот брод, автобус, или воз и да заминат во белиот свет на печалба. Првите исчекуваат и не се бунат против невработеноста, корпуцијата и авторитарната власт, која не води сметка за младите, вторите се ратоборни, но опседнати со мислата да заминат. За третата ќе ви пишам во некоја друга прилика…

Ако на Запад младите реагираат со масовни протести против социјалните неправди и не се плашат од репресии и од политички казни, нашиве млади се заплашени од контролните служби и од информаторите на ДПМНЕ. Зарем е можно во Мадрид, Париз, Минхен или во Атина, во еден студентски дом да нема греење, како што тоа беше случај со скопскиот „Гоце Делчев“, а студентите да останат мирни, покриени со ќебиња и понижени како безгласни букви? Затоа е и разбирливо што младите од Европа, кога е потребно, се солидарни и отворено се бунат, а кога се романтични и љубовни, се пронаоѓаат во текстовите на Ријана или Шаќира, во кои се пее за љубовните проблеми.

За жал, Драг Тоше, ти ни ја остави оваа тажна балада, Игри без граници, каде твојот скептицизам потсетува на сегашната реалност, на песимистичката неизвесност, со која се идентификува цела една генерација. Не смееме да се помириме со македонската темнина од стилот на Кафка, или со домашното издание на Фармата на Орвел. Ние не прифаќаме неправди и безизлезност. Токму затоа, оваа колумна ја посветувам на младите кои имаат сличен став. Држете се, дечки, и не заборавајте дека по секоја бура и дожд, изгрева Сонцето. И ние сме способни, како и останатите млади од Европа, да го дигнеме гласот против неправдата, политичкиот монопол на ДПМНЕ, методите на застрашување, корупцијата, против манипулациите и анонимната контрола на власта.

Алекс Ружин
(авторот е член на ЛДП)

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска