Специјалецот Игор Спасов, кој се бара со меѓународна потерница откако не се јави на доиздржување на затворската казна во „Идризово“ за убиството на младиот Мартин Нешкоски, е избеган во Турција, неофицијално дознава „А1он“ од полициски извори.
Според истите извори, Спасов веќе подолго време се наоѓа во бегство, а по него беше распишана меѓународна потерница дури завчера.
Дали станува збор за нефункционалност на институциите или пак станува збор за договор за Спасов да ја напушти државата, останува неизвесно, но засега не е најавена никаква одговорност, а надлежните институции си ја префрлаат топката едни на други.
Од судот во Штип вчера испратија соопштение во кое се вели дека последен пат имале контакт со осуденикот Игор Спасов во септември, еден месец откако повторно му дозволил одлагање на затворската казна.
Последен пат Спасов поради операција на урологија побарал одложување на казната во јули. Во затвор требало да се појави на 18 октомври. Известувањето дека поранешниот специјалец не се појавил на доиздржување на казната, од затворот „Идризово“, до судијата за извршување санкции во Штип патувало цели три дена. Од ниту една институција не може да се добие одговор кога Спасов избегал од државата и зошто немало побарано никакви мерки за негово лоцирање додека затворот му е во прекин.
Спасов требаше да одлежи уште 7 години и 3 месеци од затворската казна. Тој беше осуден на 14 години затвор поради убиство на младиот Мартин Нешкоски во јуни 2011 година, додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше победата на изборите на плоштадот во Скопје. МВР тогаш два дена молчеше за убиството на младото момче, а сега, по 7 години, убиецот е во бегство.