Екстрадицијата на Спасов неизвесна, Бугарија досега одобрувала, но и одбивала да испорача осуденици во Македонија

Од:

Македонија има рок од 40 дена да побара екстрадиција на Игор Спасов осуден за убиството на Мартин Нешкоски, кој вчера беше уапсен во Софија. Процедурата треба да ја започне Министерството за правда, од каде велат дека веќе се собираат документи за да се побара испорачување на Спасов. Но, нема рок за бугарската страна, која може да одговори позитивно, но и да го одбие барањето од Македонија. За тоа време, Спасов ќе биде во екстрадициски притвор.

„До Министерството за правда утрово пристигна известување од Министерството за внатрешни работи дека лицето Игор Спасов е приведено во Софија. Министерството  за правда, по прибирањето на сите потребни документи, во предвидениот рок ќе достави до бугарските власти барање за екстрадиција на Игор Спасов назад во земјава“, велат од Министерството за правда.

Искуствата со Бугарија за екстрадицијата на осуденици кои се бараат со распишана потерница од Македонија, се различни. Во јавноста се познати два такви случаи, како што е барањето за екстрадиција на владиката на МПЦ, Јован Вранишковски кое беше одбиено и барањето за екстрадиција поранешниот директор на Ветеринарната управа, Зоран Даневски кој беше вратен во Македонија.

Во случајот со Зоран Вранишковски кој се бараше заради издржување затворска казна од 2,5 години за проневера на околу 250 илјади евра црковни пари, Апелациониот суд во Софија одлучи за три месеци. Тие одбија да го екстрадираат и ја укинаа неговата забрана за напуштање на Бугарија, како и домашниот притвор.

Зоран Даневски беше екстрадиран во Македонија набрзо откако бугарската сообраќајна полиција по рутинска контрола откри дека тој се бара со потерница. Тој беше спроведен во штипскиот затвор поради злоупотреби во агрокомбинатот „Џумајлија“, каде беше извршен директор.

Одлука за екстрадиција на Спасов кој е осуден за убиството на Мартин Нешкоски ќе треба да ја донесат бугарските власти, по барањето од Министерството за правда во Македонија. Ако тоа биде одбиено, само при нови околности, македонските власти ќе можат повторно да бараат негова екстрадиција. Доколку и на тоа се добие негативен одговор, тогаш македонските власти ќе можат да упатат само замолница за екстрадиција.

За осудениот убиец Спасов, кружеа шпекулации дека избегал во Турција со бугарски пасош, а му помагале и полициски службеници. Обвинителството отвори истрага, но никогаш не сподели што откри со неа. Доколку шпекулациите за бугарското државјанство на Спасов се покажат точни, тоа ќе има големо влијание во одлуката за екстрадиција кај бугарските власти.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Екстрадиран Игор Спасов, убиецот на Мартин Нешкоски – полицијата го спроведе во „Идризово“

Кристијан Ландов

Бугарскиот амбасадор очекува за неколку месеци да заврши постапката за екстрадиција на бегалецот Игор Спасов

Ана Ололовска

Испратено барање до Бугарија за екстрадиција на Игор Спасов

Ана Ололовска

Игор Спасов бил уапсен во Софија поради семејно насилство

Ана Ололовска

Бегалецот Игор Спасов е уапсен во софиската населба Младост по добиена дојава

Ана Ололовска

Во Бугарија уапсен бегалецот Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски

Кристијан Ландов