Обвинетиот Бедредин Ибраими во предметот на СЈО, „Титаник 2“, на почетокот од рочиштето рече дека имал забелешки на записникот од претходното судење и дека судот не ги почитува начелото на објективност во судската постапка и дека Обвинителството крие докази.
„Новинарите прават атракција. Штом дојде Мијалков навалија камерите“, рече Ибраими. Судијата Огнен Ставрев го предупредуваше Ибраими да го скрати обраќањето.
Почна дискусија на висок тон. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека Ибриами може да говори и 2 часа во судницата, но треба да објасни што се забелешките: Дали е забелешка на записникот, дали е одбрана, дали е завршен збор.
„Јас сум деталист и перфекционист“, рече Ибраими. Тој рече дека судот му одбива се’ што ќе предложи. „Како странка немам рамноправен третман и со право се сомневам во непристрасноста на судот“, рече обвинетиот.
„Немате добра меморија“, му возврати Фетаи. „Да имавте ќе си останевте на зборот“, рече обвинителката.
На денешното рочиште сведочи Адмир Шабани, поранешниот портпарол на ДИК од 2013 година.
Предметот „Титаник 2“ е во доказна постапка, со изведување докази на обвинетите Обвинети се Мендух Тачи, лидерот на ДПА, експефот на УБК, Сашо Мијалков и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Васко Маглешов