Осетлива точка за судир на ставови деновиве, станува прашањето на определеонст т.е. неопределеност на граѓаните. Основ за оваа полемика е отпорот на граѓаните кон неправдата, кон губењето на граѓанските права, граѓанските слободи.
Падна во вода скапо градената “кула од карти“ на властите, платена со милионска пропаганда, дека опозицијата им измислува маани од немај каде. Сите го видоа 24 декември. За него знаат дури и оние во чии средини зрачат само режимските телевизии.
И да не се согласиме околу тврдењето дека Македонија го допре дното послендиве години, реална полемика би била дали сме блиску или го допираме. Но, како што е вообичаено во природата, секоја акција има реакција. Чувствувањто на близината на дното, раѓа реакција која деновиве се разжестува се повеќе под името ОТПОР. И за да биде граѓански, како што е, отпорот во својата основа неопходно е да го има граѓанинот, како што го има. Категоријата граѓани може да биде дефинирана на различни начини (припадници на политички партии, невладини организации, синдикати, поединци) но една работа е заедничка за сите: полнолетство и право на глас т.е. учество во политичкиот живот. Сепак тоа право не е само право туку е и обврска за барање одговорност од политичките власти, за завземање став во врска со исправноста или неисправноста на политиките кои се спроведуваат.
Деновите потврда за состојбите со правата и слободите добивме и во извештајот на “Фридом хаус“ во кој Македонија е оценета како делумно слободна држава. Во ова дрштво на ДЕЛУМНО СЛОБОДНИ ДРЖАВИ, запишани се само уште Босна и Херцеговина и Косово. Како слободни држави се оценети сите останати земји во Европа и на Балканот, вклучително Србија, Црна Гора, Храватска и Албанија. Да се потсетиме само дека во 2006 година, значи пред доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, ние истите, Република Македонија, бевме лидери на реформите во регионот и бевме twinning – partner на Хрватска која како апликант за НАТО членство требаше да биде помогната од Македонија за забрзување на реформите како би можеле во група, ние, тие и Албанија заедно да пристапиме во НАТО. Денес и Хрватска и Албанија се членки на НАТО а ние не. И уште едно потсетување: НАТО не е само одбрамбена алијанса туку систем кој дели долг список на заеднички вредности меѓу кои слобода, демократија, плурализам, медиумски слободи, независно судство, почитување на човекови права и слободи и т.н.
Ако е така, станува патетична потребата на дел од интелекталците да се изземат од неминовноста да се произнесат на кои позиици ќе застанат. Неодбранлива станува позицијата НЕОПРЕДЕЛЕН во извесни контексти во кои се наоѓаат државите во дел од своите истории. Во контекстот на драматичното уривање на и онака кревката демократија кое и се случува на Македонија, неопределувањето денес значи прикриена поддршка на процесите, термин во психологијата познат како “пасивно-агресивно однесување“. Нормално ли е да се остане глув за некои суштински прашања и нем за некои витални одговори?
1. За насилство во институциите или против него?
2. За непочитување на законите или против тоа?
3. За медиумски мрак или против него?
4. За владеење со страв и принуда или за слободни граѓани во 21 век во срцето на Европа?
5. За партиски вработувања на неспособни и некомпетентни или против тоа?
6. За купување на душите т.е.поткупување на цели таргет групи со ситни бенефиции или за искрени политики ?
7. За безмилосни задолжувања за бронза, мермер и врби или за внимателни вложувања на малкуте пари што ги имаме?
8. За божемни дипломи или за пристојно образование?
9. За уривање на меѓународниот углед и предизвикување потсмев на својата земја или за вложување во поинаква слика за нас
10. За лабораториски произведена историја или за преокупираност со нашата иднина?
Почитувани т.н. неопределени, тоа се мал дел од дилемите за кои е историски неприфатливо и нелегитимно да останете неопределени. Истите вие не бевте нежни и неутрални 2006 кога ги казнувавте наводните грешки на Владата од 2006. А таму да потсетам беше Радмила која покажа конкретни резултати наспроти Теута, Никола Поповски кој ја намалуваше администрацијата за да ја направи ефикасен и поефтин сервис за нас граѓаните, наспроти Ставревски кој вработува цели партиски одреди, Илинка која беше добредојдена кај колеги од целиот свет а не изолирана како нашите претставници денес, Јово Манасиевски кому му оддадоа признание дека одбрамбените сили се реформирани за прием во НАТО наместо денешната понуда за шлајфување во кал. И многу други примери. И да сме на јасно, имаше и погрешни политики и погрешни кадровски решенија ама во целина, тоа се неспоредливи две Македонии.
Денес, тоа што некому тешко паѓа дека ако ги следи принципите за напредна, правна држава и демократско општество неминовно ќе се најде во друштвото на Црвенковски може да се сфати само како личен однос или фрустрација. Состојбите се пресериозни за да се сведат на лични односи.Тоа ни од далеку не може да биде доволно алиби или оправдување за одбирање на лигавата лимбо позиција НЕОПРЕДЕЛЕН. Едноставно доаѓаат моменти во животот кога не може натаму ако не се направи избор. Или сликовито речено, патот по кој чекориме води до раскрсница која се дели во две насоки. Нема трета уличка. Има само некаква јама како алтернативен избор. Јамата би била евентуално засолниште за оние кои сакаат да се приклучат откако ќе ѕирнат кој караван бил поброен.
Затоа како граѓани сме на задачата да докажеме дека иако државата т.е. власта е недемократска, општеството е недвосмислено демократско. Граѓаните мора реално да учествуваат во политичкиот процес и да ги подобруваат политиките на власта, да ја казнуваат власта кога треба, за да ги обезбедат своите граѓански интереси.
Јас знам дека рака под рака одат идеалите, илузиите и разочарувањата ама “Мука ми је од малких људи. Од млаких љубави. Млаког пива. Млаког недостајања. До сржи или ништа, жао ми је !“
Секоја желба за промена, побуна или револуција се дел од бесконечното движење на потребите на човечката цивилизација. Човек има природна потреба, а со тоа и должност секогаш да се одѕива на импулсот за промена. Оваа потреба не опоменува и не буди од зачмаеноста и не тера да бараме излез. Ни го покажува смисолот на нашето постоење и ни помага да се спознаеме низ минатото и иднината. Животот има смисол само ако сме активни учесници во него.
За крај само потсетување. Многу заговорници на белите ливчиња на последните избори во Србија се разбудија во шок кога сфатија дека од двете зла утредента со нивните животи ќе раководи поголемото. За жал, се покажа дека иако сакаа, не можеа многу да поправат во вториот круг. Или што би рекол Шекспир: What’s done cannot be undone!
Софија Куновска