По завршувањето на локалните избори, итно да се пристапи кон дефинирање на натамошната позиција и улога на Специјалното јавно обвинителство и начинот на постапување со предметите кои произлегоа од „бомбите“ во насока на продолжување на неговиот мандат или негово преминување како одделение на редовното Јавно обвинителство, препорачува Хелсиншкиот комитет по заклучоците содржани во вториот извештај на експертската група на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе.
Според нив, ова се препорачува за да се избегне неоправданото одлагање на спроведувањето на правдата во поглед на кривичните случаи од висок профил. Од Хелсиншки предлагаат и итно усвојување на законски измени во Законот за заштита на сведоци.
Во овој извештај се поздравуваат започнатите реформи во областа на правосудството, при што се укажува на потребата од инклузивност и транспарентност на овој процес. Воедно, во извештајот се упатува како на неопходноста од соодветно планирање, така и на потребата да се избегне непотребно одолговлекување на долгоочекуваните реформи.
Експертите уште еднаш потенцираат дека не запрела контролата и злоупотребата на правосудниот систем од страна на мал број судии на моќни позиции, кои и натаму продолжиле да вршат притисоци врз нивните помлади колеги. Во извештајот се посочува дека е нужно да се реформираат постапките за дисциплинирање и оценување на судиите, но истовремено се изнесува и позитивна забелешка дека и покрај злоупотребите нотирани кај мал број судии, мнозинството од судиите ја спроведуваат правдата на чесен и правичен начин. Во таа смисла, се нагласува дека и покрај тоа што новите власти се овластени, но и должни да преземат одредени дејствија против оние судии кои ја злоупотребиле нивната положба, не е препорачлив генералниот реизбор на судии.
Во извештајот експертите ги изразија нивните сомнежи за кредибилноста на АКМИС системот за распределба на предметите, со посебен акцент на неговото функционирање во Основниот суд Скопје 1. Извештајот опсежно се осврнува и на Судскиот совет, при што се наведува дека Советот не ги исполнува своите должности за да обезбеди независност на судството, и истиот носи голема одговорност за несоодветната распределба на предмети. Експертите искажаа и загриженост дека позицијата член на Советот како редовна функција со полно работно време предизвикува одвојување на судиите од реалноста во правосудството. Воедно, се нотира непреземањето какви било мерки од страна на Советот во насока на повторување на постапките за разрешување на одделни судии, како мерки за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права со кои била утврдена повреда на членот 6 од Европската конвенција поради неправичноста на постапката.Еекспертската група предлага длабинско преиспитување на улогата на Судскиот совет и разгледување на можноста за одговорност на неговите членови. Истовремено, се повторува дека е потребно постојниот систем на мерење и оценување на перформансите и учинокот на судиите кој е базиран врз квантитативните критериуми да биде заменет со нов систем кој ќе биде фокусиран врз квалитетот на правдата, со што би се намалила можноста за манипулации а разрешувањето на судиите би била крајна мерка кон која се прибегнува само во исклучителни ситуации.