Откако беше одбиен предлогот на Специјалното јавно обвинителство за претрес во домот на началникот на Петта управа, Горан Грујевски од страна на Основниот суд Скопје 1, и образложението дека СЈО немале надлежност, од Хелсиншкиот комитет реагираат дека судијата на претходна постапка ги помешал институтите „наредба за привремено одземање на предмети“ со „наредба за претрес“.
„Најпрвин мора да се истакне дека судијата на претходната постапка ги помешал институтите „наредба за привремено одземање на предмети“ со „наредба за претрес“. Имено, за издавање наредба за претрес може, но не мора да има прецизен опис на предметите што треба да се пронајдат. Прецизното наведување на предметите е неопходно само откако тие ќе се пронајдат и постои потреба привремено да се одземат. Избегнувајќи ја оваа аргументација во својата одлука, Кривичниот совет очигледно ја сфатил ваквата грешка на судијата на претходната постапка.
Во однос на аргументацијата на Кривичниот совет која се однесува на надлежноста на СЈО, сакаме да потенцираме дека согласно член 6 од Законот за СЈО, тоа обвинителство има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани со нелегалното прислушување. Оттука, сметаме дека аргументацијата на Кривичниот совет во овој дел е правно неоснована, бидејќи членот 17 од ЗКП на кој погрешно се повикува Кривичниот совет упатува единствено на надлежноста на обвинителството како субјект наспроти исклучокот за приватна тужба, а ниту овој ниту било кој друг член од ЗКП не дава право и можност судот да цени и одлучува кое обвинителство е надлежно во конкретен случај. Врз основа на ова е очигледно дека Основниот суд Скопје 1 Скопје ги пречекорил своите овластувања.
Поради сите наведени причини, произлегува дека барањето за издавање наредба за претрес на СЈО било основано и законито, а Основниот суд Скопје 1 се вмешал во автономијата на СЈО на незаконит начин.
Хелсиншкиот комитет сака да ги охрабри сите судии да постапуваат независно и согласно меѓународните стандарди и националните правни прописи, особено поради притисокот на кој се изложени за овие случаи. Сметаме дека единствено со почитување на законските прописи ќе се овозможи владеење на правото, а со тоа ќе се заштити јавниот интерес и човековите права.“, стои во реакцијата на Хелсиншки комитет.