Минималните придобивки од медиумскиот интернет пазар, кој е неконсолидиран, фрагментиран и непрофесионален, создаваат само илузија од новинарството, еден вид дилетантизам, кој ни одблиску не соодветствува на вистинската мисија на новинарството.
Пишува:Бардил Заими
Сите новинарски теории изгледа умираат пред неподносливата леснотија со која информацијата протекува низ бескрајниот свет на интернетот. Вртоглавото транспонирање на медиумите и традиционалните формати на информирање во новите формати е проследено со невиден хаос на идентификација и со еден вид фрагментаризам на примателот – читателот. Додека традиционалните медиуми (телевизијата, весниците, радиото, неделниците, разните списанија) со тешки напори се обидуваат да го задржат престолот на присутност со еден веќе избледен „авторитет“, новите медиуми со невиден замав го прошируваат нивното хаотично присуство на една неструктурирана публика со површна перцепција.
Во сета ова парадигматична декомпозиција, новите медиуми направија чекор напред за да бидат што поприсутни меѓу читателите, со незадржлив наплив на информации, што во повеќето случаи останува далеку од основните прнципи на современото новинарство. Во албанскиот информативен простор веќе постојат голем број на портали, кои, со неколку исклучоци, не успеваат да ја исполнат итната потреба за правилно, точно, брзо и разновидно информирање.
„Медиумски плурализам“, но не и новинарски принципи
Се чини дека новите медиуми обезбедија „медиумски плурализам“, но не и функционирање врз принципите на новинарството. Хаосот на новите медиуми, во меѓувреме, создаде едноличност на информациите, која во повеќето случаи се појавува како „рефрен“ на исти вести што се повторуваат од еден во друг портал. Објавените вести главно се агенциски и со малку козметички измени може да се најдат во секој портал. Недостасуваат автентични пристапи, сознанија и обработки на вестите, како што и после секоја вест недостасува и авторството.
Новинарот, оној чувар на јавниот интерес, на „светоста“ на фактите, изгубил смисла во овој хаос, кој претендира да има безусловно присуство во виртуелниот свет. Повеќето портали, реално, функционираат без новинари и без најмало чувство за актуелноста и за политичките, економските, културните и другите збиднувања. За жал, зад овие портали не стои една консолидирана редакција што соодветствува на мисијата на новинарството, туку некој „уредник“ или анонимен „сопственик“, кој без никаков критериум и без никаква редакциска политика објавува преземени вести со кои претендира да стане фактор во големиот хаос на онлајн медиумите.
Минималните придобивки од овој медиумски пазар, кој е неконсолидиран, фрагментиран и непрофесионален, создаваат само илузија од новинарството, еден вид дилетантизам, кој ни одблиску не соодветствува на вистинската мисија на новинарството. Во недостиг на редакциски платформи, професионални капацитети и извори на финансии, повеќето од овие портали не успеаја да создадат своја препознатлива физиономија која би ја отсликувала потребната сериозност, приемчивост и влијание кај читателите.
Не е сѐ црно. Има портали кои независно од тешкотиите што ги имаат за опстојување, веќе покажаа дека се на добар пат да го фатат ритамот на онлајн новинарството, целиот систем на специфики кои го прават различно од новинарските формати кои обично ги нарекуваме традиционални.
Портали без редакција
Кај повеќето портали главно може да се забележи немањето редакција, тим новинари кои се во можност да ги покриваат настаните, да известуваат оригинално и да ги обработат, базирајќи се на една автентична редакциска политика. Информацијата претежно се пренесува стихијно, обично преземена од некој друг медиум и тоа без да се наведе изворот на информацијата. Тоа е повторување на исти вести, кои често и се деформираат.
На некој начин, повеќето од нив функционираат како тим за вести со само еден член или како што е познато во новинарската теорија „one-man rеporting team“. Секако, оваа дефиниција не е потполно адекватна за начинот на функционирање на овие портали, бидејќи вистинското значење на оваа терминологија опишува еден нов дух во онлајн новинарството, кој што ни одблиску не соодветствува на претензиите на многу луѓе за менаџирање со некој нов медиум, како што се порталите.
Несомнено, овој хаос се надоврзува и со многу други општествени фактори кои што не овозможуваат да се направи една реална идентификација на важноста која може да ја има еден портал. Ова се случува, бидејќи заедницата на интернет, односно неговите корисници, се релативно млади луѓе, кои што сѐ уште не се созреани да го препознаат доброто новинарство, кое што ја истражува и обработува вистината преку една неспорна професионална етика. Како и да е, одговорноста за факторизацијата и професионалната релевантност секако паѓа врз носителите на порталите кои што имаат големи претензии во областа на онлајн новинарството, кои што треба да се оттргнат од овој хаос на површни, тривијални информации со доза на сензација и во повеќето случаи непроверени информации.
„Да го организираме хаосот…“
Секако, професионалната релевантност може да се зголеми и да го освои широкиот простор на онлајн медиумите само преку професионалната етика, одговорното, плурално и разновидно новинарство. Ова е актуелниот предизвик на порталите. Пренесувањето на искуствата од другите земји кои што постигнале напредок во професионалното профилирање на порталите e дополнителна димензија што треба да се вклучи во онлајн новинарството. Во целиот овој напор, се вмешуваат и спецификите на онлајн новинарството, кои што теоретски, но и практично, се разликуваат од новинарството во традиционалните медиуми.
Токму во ова насока, би требало во иднина да се организираат што е можно повеќе дебати и обуки за онлајн новинарството и за комуникацијата на онлајн содржините со заедницата на интернет. Треба дефинитивно да се објасни дека формите може да бидат различни, но дека новинарството во суштина останува исто, со истите мисии за вистината, прецизирани и афирмирани преку деонтолошките принципи.
Првиот чекор би било едно лесно „врескање“: „Да го организираме хаосот…“. Во бескрајната широчина на ирелевантни информации реално би требало во светот на интернетот, таму каде што живеат и новите медиуми, конкретно порталите, да се структурира една интеркомуникација која е консолидирана, одржлива, плурална по содржина и одговорна кон човечките реалности, слободата и севкупниот човечки интерес.
Имајќи ги предвид овие цели, може да се организираат повеќе настани кои што во епицентарот треба да ја имаат дебатата за ова проблематика. Ова би било најсигурниот пат за да се издвоjат консолидираните портали и истите да ја најдат потребната чувствителност меѓу читателите. Во спротивно, хаосот и едноличноста на информацијата ќе бидат неразделен дел и во никој случај не ќе можат да се издвојат професионалците од профаните на медиумските проекти.
Фото: BAO.bits