Еврокомесарот Јоханес Хан преку социјалната мрежа твитер се огласи во врска со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за помилување на 22 политички експонирани лица. Според Хан, “одлуката на Претседателот Иванов да помилува само одреден број лица не е доволна” и потребно е “целосно решение за да се избегне селективната правда”.
Преку социјалните медиуми, реакција упати и Aмериканската амбасада. “Како што кажавме минатата недела, делумно или селективно повлекување на помилувањата го зголемува растечкото чувство на неказнивост во земјата и спречува Македонија да напредува кон своите најважни цели, вклучително и кон НАТО и Европската Унија. Македонија мора целосно да одговори на ова прашање”, пишува американската амбасада.
Претседателот Иванов во петокот соопшти дека донел одлука да ги повлече помилувањата за 22 лица, додека останатите помилувани грѓаани можат да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. “Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот, ниту еден политичар не е недопирлив, напротив секој ќе одговара за своите постапки”, изјави Иванов.