„Ни беше кажано од Горан Грујевски дека опремата за следење на комуникациите ќе ја исечка на парчиња од пет сантиметри, а потоа ќе ја однесе во друга фирма и ќе ја исече на уште поситни парчиња”, рече инженерот во УБК, Сашо Трајковски, во сведочењето на денешното судење за предметот „Таргет-Тврдина”.
Трајковски се присети дека опремата за прислушување на системот „Најс“, била исклучена од системот на 27 март 2015 година, по објавата на аферата во јавноста.
„Ја исклучивме ‘Најс’ и ја извадивме од систем салата во ходникот“, рече Трајковски.
Првото рочиште за предметот “Таргет Тврдина” се одржа на 17 јануари 2018 година, а постапката беше закочена неколку месеци поради сослушување на првите двајца сведоци на СЈО, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.
Обвинението за овој предмет СЈО го поднесе на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.