Во тешки криминални случаи како петкратното убиство кај Смилковското езеро не треба да се гледа само едната страна, туку треба да се остави судството да ја заврши својата работа, порача премиерот Никола Груевски, на седницата посветена на пратенички прашања.
Пратеничката на ДПА, Мерал Узеири Ферати, го праша премиерот во кои битки против НАТО учествувале приведените во случајот „Монструм“ и како може баба од 70 години да учествува во таква акција?
„Треба да оставиме на судот во една транспарентна, законска, судска постапка да го истражи случајот и да каже каде гледа вина, каде не гледа вина, ако не гледа вина. Би сакал да реплицирам и на оној дел каде кажувате дека дали може 70-годишник да биде на фронт или не, некоја баба да биде на фронт. Вие добро знаете дека на таа прес-конференција на МВР не се рече дека сите биле на фронт, туку дека некој бил. Вие сега повторно манипулирате дека некоја баба не можела да биде на фронт . Тоа не е добро, затоа што има судски процес кој треба да почека да заврши и судиите да си го кажат својот збор. За тоа се платени, за тоа имаат искуство, совест, треба да се остави на законската постапка да се истражи и да го каже тоа што е пронајдено“, одговори премиерот Груевски.
Потсети дека според искуството на обвинителите, сите што биле обвинети во некаков криминален случај кажувале дека се невини, освен во два или три случаи.
„И од таа гледна точка треба да се почека и да се види одлуката на судот. Можеби ќе излезе дека некој од нив не бил помагач или не учествувал во убиството, меѓутоа за некој можеби ќе се потврди дека бил или човек што убил или човек што помагал. Затоа не треба однапред да се прејудицира дали некој е виновен или не е виновен. Подеднакво грешно ќе биде ако ние овде во Парламентот однапред да прогласиме некој за виновен или однапред го прогласиме за невин“, рече Груевски.
Тој оцени дека акцијата што беше направена од МВР била согласно европските стандарди, затоа што македонските полицајци, специјалните единици се обучувани од страна на полициите на најнапредните држави во Европа и работат според пропишани правила.
„На пример кажавте дека ги исплашиле со тоа што влегле маскирани, тоа е дел од процедурата за приведување лица во таквата ситуација, за таков вид дело. Кога станува збор за осомничени за таков вид дело тоа е стандардот за секоја таква ситуација независно која етничка заедница припаѓа се врши приведување“, рече Груевски.
Потсети дека случајот има две страни, покрај приведените осомничени за злосторството, има и родители, роднини и пријатели на жртвите, кои чекаат одговор.
„Не треба да заборавиме дека во случајот беа убиени пет млади лица, коишто се невини, кои никому ништо не згрешиле, кои беа крволочно убиени и дека и тие имаат свои родители, свои семејства и кога прашувате како им е на едните или на другите понекогаш добро е да се запрашате како им е на тие родители, на роднините на блиските на убиените. Не треба само едната страна да се гледа, треба двете страни да се гледаат и да се остави судот да си ја заврши работата без притисоци и вмешувања“, рече Груевски.
Порача и дека вакви случаи не смеат да се политизираат, затоа што во иднина може да охрабрат одредени криминогени групи да прават одредени незаконски работи и да сметаат дека утре некој може да ги заштити затоа што припаѓаат на една или друга етничка, политичка, верска и друга заедница.
Извор: Макфакс