СМС-пораките на СЈО да не бидат доказ против него, побара експремиерот Никола Груевски на продолжението од судењето за случајот „Траекторија“. „За нивната вистинитост никој не гарантира низ колку раце поминале пред да стигнат до СЈО. Тие биле претходно во сопственост на СДСМ, нашиот жесток политички противник. За менување на СМС-пораките не треба знаење, само компјутер и ‘Ворд’“, рече Груевски.
Според него, кај разговорите што беа креирани може да се направи вештачење, но со СМС-пораките тоа не е можно. „Доволно е да се смени една запирка во нив и нивната содржина да биде поинаква. Автентичноста на СМС-пораките не може да се утврди“, вели тој.
Груевски побара исто како во случајот „Пуч“ судот да донесе решение со право на жалба за да се пожалат до Апелација, иако се свесни дека одлуката ќе биде политичка. Груевски побара судот да работи според законот.
„Си ги бараме нашите права, судија“, рече Груевски.
По паузата, судот им ги одби сите приговори на адвокатите на обвинетите.
Обвинителката го фати Груевски дека од мобилниот го чита истиот приговор за кој судот веќе одлучил. Одбраната истите приговори, за кои судот веќе одлучил, може да ги поставува уште 6 месеци. Груевски дофрли дека не било целосно ист приговорот, а судијата не му даде збор.
Обвинителката од СЈО, Лиле Стефанова, рече дека веќе нема во иднина да ги коментира приговорите на адвокатите зашто тоа е за одложување на постапката. Адвокатот Боро Тасевски побара судот да го отфрли обвинението за Груевски бидејќи е поднесено од неовластено обвинителство.
Следното рочиште е на 1 март. Судијата не го прифати барањето на адвокатот Дангов да се одложи по 5 март бидејќи бил на патување.
„Не сум ангажирал неколку адвокати без причина“, рече Груевски. Адвокатот, пак, додаде дека не патува во Врање и Ниш, туку во Холандија, но судијата не се согласи за одложување на рочиштето.
Во предметот „Траекторија“ се обвинети четворица поранешни владини функционери, осомничени дека во 2012 и 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Обвинети за злоупотреби во изградбата на автопатите се поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и поранешниот премиер, Никола Груевски.
В. Маглешов