Посилна победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите в недела и обединување за реализација на 2.046 проекти од изборната програма, очекува премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Во пресрет на гласањето за парламентарните избори и вториот круг од претседателските, Груевски вчера на митинг во Пробиштип повика сите да ги прочитаат предвидените проекти од изборната програма и да се придружат на, како што рече, победничкиот тим.
– Остануваат уште денешниот и утрешниот ден. Потоа за три дена во недела е гласањето. Гласање на кое што веќе граѓаните го кажаа нивното мислење 13 април. Сега верувам дека победата ќе биде посилна затоа што многумина коишто не ги слушнале и прочитале проектите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во нивната програма имаа време да го направат тоа. Јас ќе повикам до оние кои не стигнале да го направат тоа, прочитајте ја програмата и придружете се на победничкиот тим ВМРО-ДПМНЕ и колицијата „За подобра Македонија“ се победничкиот тим, рече Груевски.
Истакна дека ќе ги остават СДСМ да продолжат со нивниот начин на работење и делување, кое го оцени како општо, а не конкретно како тоа на ВМРО-ДПМНЕ.
– Во првиот круг се обидоа со позитивна кампања да се натпреваруваат со ВМРО и тие нешто да кажат, вака или онака, насмевките ќе ги врателе, среќата ќе ја врателе, ама ништо конкретно. Се е нешто некако општо, а ние одиме многу конкретно и плус имаме доверба затоа што правиме конкретно. Кога видоа како изгубија на тој начин и дека неможат ајде удрија друга кампања, фалсфикати, монтажи, навреди, секој ден, оцрнувања, измислици, манипулации. Ако народот нешто не сака, не сака, тоа се такви работи, посочи Груевски.
Во недела, додаде, казната ќе им биде многу поголема отколку што можат да сонуваат.
– Сите што не излегле на гласање од која било причина, можеби имаат некоја причиа, сериозна, можеби се незадоволни или од нешто друго не се задоволни, да се обединеме околу овие 2.046 проекти, порача Груевски.
На митингот во Пробиштип ја презентира новата инвестиција во североисточна Македонија од која, како што рече, бенефит ќе имаат и граѓаните на Пробиштип. Груевски истакна дека новата фабрика на Веибо груп ќе се гради на територија меѓу Крива Паланка, Кратово, Куманово и Пробиштип, а ќе вработи 5.000 невработени лица од овој регион.
– Компанијата Веибо груп со светско седиште во Кина и европско седиште во Минхен денеска на својата веб страница ја објави одлуката на нивниот борд за нивна инвестиција за градење на фабрика во североисточниот дел на Макеоднија на потегот меѓу Крива Палнака, Куманово, Ранковце, Кратово и Пробиштип. Компанијата ќе има ткајачница предилница, фарбара и машка конфекција. Таа е една од најголемите компании и работи со многу клиенти и со многу светски брендови. Ќе вработи пет илјади луѓе во Република Македонија. Ќе се гради на површина од 40 хектари и ќе се инвестираат 400 милиони долари. За почетокот 180 милиони долари во првата фаза, а до четвртата, петата година вкупно 400 милиони долари. Тоа е најголема инвестиција во Македонија и по бројот на вработени и по големината на инвестицијата, рече Груевски.
Тој истакна дека во оваа нова фабрика ќе се вработат 5.000 лица од североисточниот регион во земјава меѓу кои и невработени лица од Пробиштип. Тоа, како што нагласи, ќе значи и развој на самиот регион, но и непосредно вработување.
Фабриката на оваа позната светска компанија ќе биде единствена европска фабрика во која ќе има интегрирано производство, почнувајќи од базното производство, па се до крајниот производ, односно производство на машка тешка конфекција.
Груевски истакна дека во изминатите три до четири недели повеќе странски компании најавуваат инвестиции во повеќе градови во земјава, а тоа, додаде, е резултат на убедувањето на Владата и на министрите на средбите со овие компании во странство и во земјава.
– Откако кризата го изгуби здивот светските компании веќе се охрабруваат и почнуваат да ги најавуваат инвестициите во земјава, што значи и реализација на 64.000 нови работни места во 30 нови фабрики, потенцира Груевски.
Тој се осврна и на 2.046-те проекти од новата програма на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и на тие што треба да се реализираат во Пробиштип, истакнувајќи ја втората и третата фаза на хидросистемот Злетовица, со што ќе се обезбеди наводнување на нови земјоделски површини во пробиштипскиот регион.