Премиерот, Никола Груевски, не се појави денеска во Собранието на закажаната седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето која требаше да го добие од него првиот исказ за вмешаност во прислушувањето и во содржината на објавените материјали. Премиерот ниту пак ја известил Комисијата дека ќе биде попречен да присуствува.
Иако за тоа беше предвиден рок до понеделник, Груевски утринава преку медиумите и соопшти на јавноста дека е подготвен да даде исказ следниот понеделник, со што сам го одреди датумот за своето сослушување.
Министерот за финансии, Зоран Ставревски, требаше да се појави пред Анкетната утре, но и тој го презакажа своето присуство, а известувањето го испратил денеска, со два дена задоцнување од предвидениот рок. Освен тоа Ставревски се понудил да биде испрашуван на 17-ти декември, со што се пробива рокот за сослушување што го определи Комисијата. Според одлуката Анкетна ќе ги сослушува сведоците од 9-ти до 15-ти декември.
Од овие причини претседателот, Петре Шилегов, рече дека не можат да се прифатат барањата и известувањата. Останува планот Комисијата утре да одржи седницата на која треба да се сослушуваат Ставревски и шефот на кабинетот на премеирот, Мартин Протуѓер.
Анкетна денеска не успеа да доденесе ниту една одлука.Членовите од ВМРО-ДПМНЕ бараа промена на дневниот ред, така што наместо да сослушува сведоци, Комисијата во наредните денови би се занимавала со посета на УБК, барање за извештај од внатрешната истрага на УБК по однос на прислушување, обезбедување на безбедносни сертификати и утврдување нов распоред за испрашување на сведоците.
Ова барање на членовите од ВМРО-ДПМНЕ не доби мнозинство на гласови затоа што за него гласаа само осмината пратеници од оваа партија. СДСМ побара дневен ред за денешната седница кој би содржел само сослушување на инвовливарни лица во скандалот со прислушувањето. За овој предлог, освен пратениците на СДСМ, гласаа и членовите на Комисијата од ДУИ, како и независниот пратеник, Роза Топузова-Каревска, поради што повторно не доби мнозинство на гласови. Пратеникот од ДПА беше воздражан при двете гласања.
Од тие причини денешната седница помина без дневен ред. СДСМ, од своја страна, обвинуваа дека премиерот го избегнал сослушувањето, а ВМРО-ДПМНЕ негираа, но не понудија објаснување зошто Груевски не ја известил Комисијата на време.
Првите шестмина лица кои ќе бидат сослушувани во Анкетна се високи функционери на владејачката партија, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ јавно побараа сите лица од оваа партија да се сослушуваат на затворени седници. Како и да е, Комисијата се уште не донела одлука за затворање на седниците.
Маја Васева