Младиот човек, кој во 2006 година го заведе својот мал народ ветувајќи му посветла иднина, но го однесе само во посветло минато, каде што е темно како во пештера, верно е идеален прототип за современ роман. Да бев помлад ќе се зафатев уште еднаш со темата на политичката хипокризија, особено затоа што во случајот на господинот Никола Груевски имаме приказна како излезена од светот на бајките, која може да има добра но лоша завршница. Како што не знае каде ја води државата, така е неизвесна и неговата судбина.
Хендикепирано дете на разведени родители, растено во сиромаштија, не само што успеало да стекне високо образование туку и да се издигне на самиот врв од политичката пирамида. Иако Македонија е маргинална земја на Балканот, ми се чини денес во Европа нема поатрактивна личност за книжевна опсервација од нашиот семожен премиер. И по откривање на аферите, од кои во демократско општество на секој политичар би му ја скинале кикиришката, се чини дека Груевски цврсто ги контролира сите инстанци на власта. И барем на третина од граѓаните им претставува идеал, подвижен споменик, човек што обединува милениум, како што напиша еден ветрогон. Ќе те растргнат ако тврдиш дека тој е современ Лаки Лучијано, човек со многу лица.
Измина толку многу време откако неговиот братучед, шеф на тајната полиција, низ триумфален разговор со новинар, со многу цинизам и омраза, призна дека на еден од политичките лидери му подметнал заштитен сведок, телевизиско апсење за да го понижи, и договорил со судиите долга робија, меѓутоа, ниту правосудството го крена својот глас, ниту пак обвинителството призна дека е насамарено. Жртвата си чмае во зандана, совеста на нацијата не е пробудена. Сите големи и мали правници и судии чекаат нешто да преземе самиот Груевски, или пак нешто да му се случи нему, дури потоа да ја манифестираат својата храброст. Човечката хипокризија спаѓа меѓу највозбудливите теми за литературна обработка. Идеал на сите романсиери во светот е да го доловат херојот или антихеројот на своето време. Затоа им препорачувам на помладите колеги да не ја пропуштат историската шанса, да станат хроничари на овие реални – надреални собитија. Никола Груевски, заедно со плејада негови соработници, шетаат по земја, не мора да се измислуваат. Тие ја испишуваат не само својата туку и историјата на својот народ. Особено Груевски, чија животна приказна буди секакви асоцијации.
Неговата опседнатост со лажниот гламур на одвеаните времиња, небулозата дека може да се биде директен потомок на одамна мртов народ, неговата вештина да им ги продава на граѓаните своите невидливи успеси, сето тоа упатува на херој со многу психолошки тајни.
Многу одамна, во 1984 година, со романот “Црвениот хипокрит” се убедив дека создавањето дело на актуелна тема е мошне благородна работа. Уште се живи некои од политичките авторитети на тоа време, на кои таа книга им беше трн во окото, демек невозможно било комунистите да се прикажуваат како лицемери. Но тоа е банално, во споредба со она што го доживеав во тогашна Романија, раководена од Николае Чаушеску и неговата сопруга, академик Елена, која гладниот народ сакаше да го исхранува врз строго научна база. Откако заврши промоцијата на која дојдоа бројни читатели да си ја купат книгата, главниот промотор, Никита Станеску, критичар и врвен поет, ми вели:
“Утре сака да те запознае една жена”. И верно наредниот ден ме одведе во резиденцијата на Елена и Николае. Покрај чаша сок и кисела насмевка, таа фати да ми објаснува дека било невозможно романот да се појави со оригиналниот наслов “Црвениот хипокрит” туку со неговата универзална варијанта “Ипокритул”. Мене тоа не ми значеше ништо, особено затоа што издавачот “Картеа романеаска” ми се пофали дека отпечатиле рекордни 300.000 примероци, што се незамисливи за денешно време.
А кога во нејзиниот кабинет намина самиот Николае, таа ме претстави:
“Ова е писателот од Македонија во чија книга интервениравме”. Го истакнувам ова за да укажам дека од векутума семожните владари сакале да ги контролираат духовните процеси. Меѓутоа, немам разбирање за скапата техника што ја купиле братучедите за да го прислушкуваат својот народ. Веројатно и тие веќе се покаени, откако некој итрец им го удри сето тоа од глава.
Веројатно нашиот премиер ќе беше помалку атрактивен прототип за современ роман, ако не ги земеше во заштита своите блиски соработници – извршители на злостори. Но сепак мораше да се причува од скандали со епски димензии токму затоа што врз својот народ изведуваше експеримент сличен на оној што го направи Пол Пот со народот на Камбоџа. Виртуелно му ја менуваше крвната група, со стиропор му ја покриваше архитектурата, внесуваше хаос во неговата со маки скрпена историја.
Безочно го задолжуваше кај странските и домашните кредитори, иако беше свесен дека популацијата е остарена, а стари луѓе не можат да враќаат долгови. Кога таму повеќето лидери на Црвените Кмери беа сместени во душевни болници, се откри дека тие всушност и немале идеологија. Според некои патриоти во меѓувреме дистанцирани од владеачката партија, брзо ќе се покаже дека и во нашиов случај не станува збор за демохристијанска развојна стратегија туку за нешто страшно, речиси ужасно.
Но моето приватно мислење е дека тие сепак ненамерно, поради неедуцираност ја оддалечија Македонија од Алијансата и Унијата, не поради лукративни интереси и интересите на соседните балкански агентури. И тешко ми е да поверувам дека Никола Груевски намерно ја однесол Македонија на спореден колосек. Едно книжевно истражување што би кулминирало со добар современ роман ќе биде многу корисно за идните наши генерации. Денес Груевски носи планина од проблеми на своите плеќи, затоа што самиот предизвика хаос, ги измеша приоритетите, заборави што е свето а што е проклето. Како духот на Ванчо Михајлов да се населил во телото на нашиот млад лидер. Верно еден добар романсиер би можел да креира дело што ќе се обиде да објасни зошто го измами својот народ?
Божин Павловски (Фејзбук статус на авторот)