Грковска: Строгите ограничувања за подароци и други бенефиции ќе го јакнат интегритетот на јавните функционери и службеници

Од:

„Интегритетот е најважниот превентивен механизам кога станува збор за справување со корупцијата, но сложеноста на светот во кој живееме и мноштвото релации и разновидни интереси кои се дел од политичкиот пејзаж, ја наметнуваат потребата од јасно регулирање на одредени прашања. Во таа насока, регулирањето на подароците што ги добиваат функционерите е парче од таа голема сложувалка, а правилата за прифаќање и известување за подароци се наменети да се избегнат ситуации кои би можеле да го загрозат интегритетот и да создадат простор за влијание од страна на разни интересни групи и поединци“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во своето обраќање на тркалезната маса на тема „Пријавување и управување со примени дарови и други погодности: каде сме и што треба да направиме?“.

Настанот, во организација на Кабинетот на вицепремиерката Грковска и Меѓународната фондација за изборни системи, a во соработка со УСАИД, беше инициран од потребата за имплементација на препораките на ГРЕКО за унапредување на регулативата за прифаќање подароци и погодности.

„ГРЕКО ја повторува важноста од воспоставување строги ограничувања во однос на подароците и другите бенефиции и го истакнува ризикот од размена на „поволности“ во ситуации каде што има прекумерно „пријателство“ меѓу политичарите и деловната заедница. Од сето ова, јасно е дека ова прашање мора да се адресира и токму денешниов настан е дел од активностите со кои целиме кон примена на овие важни препораки што нашата држава ги добива во континуитет“, изјави вицепремиерката Грковска.

Методија Димовски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, се осврна на постојните правила на ова поле и на Насоките за пријавување и управување со примени дарови и други погодности, кои ќе бидат усвоени во наредниот период. „Избраните и именуваните лица, како носители на јавни функции, имаат обврска да ги извршуваат своите функции во согласност со интегритетот, на законски, независен, непристрасен, етички, одговорен и транспарентен начин, штитејќи го својот углед и угледот на институцијата за која се одговорни, да ги отстрануваат ризиците и сомнежите за можности за појава и развој на корупција и на тој начин да обезбедат доверба на граѓаните во вршењето на јавните функции и во работата на јавните институции“, истакна Димовски.

Поздравувајќи ја проактивноста на Кабинетот за политики за добро владеење во адресирањето на овие прашања, директорката на МФИС за Северна Македонија, Jоана Косма, истакна дека подароците и другите погодности не се доволно регулирани, особено во делот на санкциите. „Во поглед на пристапувањето во ЕУ, ние силно веруваме дека регулирањето на оваа сфера ќе донесе огромен напредок, особено во првиот кластер Основи“, нагласи Косма.

Во рамки на настанот, меѓународната експертка при МФИС, Лиса Клеин, ја презентираше споредбената анализа „Правила и процедури за примање и известување за дарови од лица на кои им се доверени високи извршни функции“. Целта на анализата е да се согледаат најдобрите европски практики на ова поле, за потоа да се инкорпорираат и на национално ниво.

Оваа компаративна студија и дизајнирањето специфични мерки и процедури се дел од спектарот на активности за борба против корупцијата, а особено во делот на јакнење на интегритетот при извршувањето на јавните функции. На настанот присуствуваа претставници на повеќе институции на централно ниво, а осврт на праксата во Северна Македонија даде и заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ и експертот Драган Малиновски.

Би можело да ве интересира

Во Македонија се возат седум години постари возила од просекот во ЕУ, новите се за функционери и државни институции

A1on

Битиќи за владината набавка на 45 нови возила: Подобро е на лизинг, трошоците се помали

A1on

Грковска: Не смее да се употребуваат државни ресурси во партиски цели во текот на кампањата

Ковачевски: Министрите чии роднини работат во М-НАВ си даваат ставови, не можам да им бидам портпарол

Грковска за ставањето на Анѓушев на „црната листа“ на САД: Очекувам домашните и меѓународните институции да ги преземат неопходните мерки согласно укажувањата

Катерина Ѓуровски

Ние сме мала земја со многу јавни тајни и малку разрешници, кажа Грковска на дебата за Законот за конфискација