Грковска: Сѐ уште има доволно време случаите од СЈО да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура

Од:

Ова е предмет којшто пет години се водеше во судските лавиринти, уште повеќе Апелација неоправдано го држеше девет месеци и бевме свесни дека е близу до ризик од застарување уште минатата година кога се случи одлуката на Апелација, изјави вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во врска со одлуката на судот вчера за запирање на кривичната постапка за нелегалното прислушување случајoт Таргет-Тврдина, за застарувањата на други кривични дела што произлегуваат од измената на Кривичниот законик и за ниската доверба на граѓаните во судството.

Грковска во изјава за медиумите рече дека изразила резерва кога на седница на Влада се предлагале измените на Кривичниот законик токму поради ваквите, како што рече, „можни последици од носењето на таквите решенија“.

-И претходно го изразував своето разочарување за калкулантството на правосудниот систем и неефикасноста. Ако се сеќавате, мојата реакција беше прилично остра тогаш, како резултат на тоа имаше постапка за утврдување на одговорноста на двајца судии за кои се покажа дека неоправдано го држеле девет месеци овој предмет. Заради таквото однесување на правосудниот систем, за жал, ние бевме сведоци и во март годинава за истото лице да застари предмет кога судија го одложи наредното рочиште, неколку дена по датумот кога застарува предметот за истото лице, рече Грковска пред почетокот на тркалезна маса на која беше презентирана анализа „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија“.

Таа смета дека сѐ уште има доволно време, и по толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура.

-Апелирам на одговорност на правосудните органи затоа што сѐ уште има доволно време, после толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и во една ефикасна и правична процедура да завршат и правосудните органи да покажат дека судат исклучиво по закон, без разлика на тоа за кого станува збор. Како што изјавив и пред извесно време, и сега повторувам – да не се однесуваат како поголеми политичари од политичарите, рече вицепремиерката.

Посочи дека биле преземени конкретни активности „да се надминат одредени процеси“ поради кои е ниска довербата во судството.

– Во еден дел имаше прогрес, но по сѐ што се случи со Судскиот совет и тој мал прогрес што се направи падна во вода поради таквото однесување и губење на кредибилитетот, додаде Грковска.

На прашањето дали државниот буџет ќе може издржи согласно одлуката дека на негов товар ќе бидат трошоците за водењето на кривичната постапка на делата што застаруваат, таа одговори дека не знае ниту може да предвиди колкава би била таа сума.

-Една од моите задршки беше и тоа. Ниту имам предвид кои случаи би можеле да бидат опфатени со ваквите законски решенија, ниту, пак, колку тоа би можело да чини. Навистина не знам да одговорам на ова прашање, рече Грковска.

Според Миша Поповиќ, автор на истражувањето што беше презентирано денеска, застарувањето на кривичните дела ќе ги обесхрабри граѓаните да се вклучат во борбата со корупцијата затоа што тоа, рече тој, „сугерира дека ништо не може да се направи во борбата со корупцијата“.

-За жал, тоа и на реформистите во Владата, на невладиниот сектор и на независните медиуми не им помага во борбата, изјави Поповиќ.

Би можело да ве интересира

Процедурата за 45 нови возила кои Владата ќе ги купи на лизинг е ефикасна и законска, смета Грковска

Орце Костов

Артан Груби имал две опомени за прекршување на етичкиот кодекс, Џафери ќе одлучува дали ќе го казни

Орце Костов

Грковска: Не смее да се употребуваат државни ресурси во партиски цели во текот на кампањата

Грковска: Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата

Грковска: Лицата ставени на црната листа на САД не треба да бидат ниту на јавни функции ниту кандидати за јавни функции

Грковска-Нефју: САД ја продолжуваат поддршката на Македонија за спречување на корупцијата

Орце Костов