Градоначалникот на Охрид му бара нова локација на советникот Усеини за дивоизградената бетонската база

Од:

Советникот од ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини, заедно со градоначалникот Константин Георгиевски, најавува преместување на дивата бетонска база на нова локација, овој пат со дозвола. Усеини за „А1он“ вели дека лично градоначалникот се ангажирал да најде нова локација.

„Ние сме во преговори за да пристапиме законски на решавање на проблемот. Градоначалникот ќе бара локација, за да се премести бетонската база. Потоа, ние ќе поднесеме документи за да земеме дозвола и базата ќе се премести. Па сега, ќе видиме што ќе биде“, вели Усеини за „А1он“.

Додека Усеини кажува дека Георгиески ќе му помогне со наоѓање локација за да ја премести дивоградбата, инспекторатот на Општина Охрид сè уште не утврди идентитет на лицето кое гради на стариот пат Охрид – Струга, а премиерот Зоран Заев упати апел до советникот сам да си ги урне дивоградбите.

Од Општина Охрид велат само дека секој граѓанин или инвеститор има право да побара информација за наоѓање локација за одредана градба.

„Како и секој граѓанин или заинтересиран инвеститор, посочениот бизнисмен има право да побара од Општина Охрид информација за соодветна локација, на која можат да се градат објекти со ваква намена, согласно планските документации и законските прописи за заштита на животната средина“, велат од Општина Охрид.

Базата на Усеини се наоѓа на охридското крајбрежје, утринава таму беа паркирани мешалици за бетон на кои има натпис „Нефи инвест“. На локацијата има и други возила, меѓу кои и дигалка. Таму беа присутни и неколку лица, кои работеа на дивоизградениот објект.

Усеини изградбата на базата ја почна пред пет месеци, без потребната документација, без дозвола за градба и еколошка дозвола. Тревиникот кој е веднаш до брегот на Охридското Езеро е претворен во градилиште. Изградбата на објекти на ова место е строго регулирано, а појасот е заштитен од УНЕСКО, што значи дека изградбата на вакви објекти што може да предизвикаат еколошки проблеми е строго забранета. Неофицијално, парцелата на која се гради базата е во сопственост на Исламската верска заедница.

Ова е втора дивоградба на советникот Нефи Усеини на територијата од општина Охрид, во неколку месеци, за која пишува „А1он“ . Исто така, „А1он“ од март годинава пишува за дивоградбата на плоштадот Чинар, каде Усеини на државно земјиште, без договор за закуп и без дозвола од општината, изгради летна тераса. Пицеријата „Луна“ имаше и свечено отворање каде црвена лента сечеше струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.

Би можело да ве интересира

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on

Поднесено обвинение за Нефи Усеини за дивоградба во центарот на Охрид