Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски денеска во општина Разлог се сретна со неговиот бугарски колега, Красимир Герчев.
Како што соопштија од општина Ѓорче Петров, градоначалникот Герчев на македонската делегација и презентирал проекти кои тие ги имплементираат во нивната општина, главно финансирани од Европската унија, а во голем дел се однесуваат на сочувување на животната средина и изградба или обнова на енергетски ефикасни објекти. Фокус бил ставен и на проблемот со кој се соочуваат многу општини и од двете страни, а тоа се депониите.
Наумоски нагласил дека единиците на локалната самоуправа во Република Македонија, заедно со Владата, интензивно работат на решавање на проблемот со неовластено депонирање и недостиг на места за извршување на оваа активност. Во тој контекст, Наумоски го информирал бугарскиот колега дека е донесена одлука од страна на македонската Влада за нова претоварна станица во која ќе учествуваат по неколку општини, со што се очекува големо олеснување на проблемот.
Двајцата градоначалници се согласиле дека потребна е и засилена контролата и поголеми глоби за прекршителите на Законот, како важен сегмент за решавање на депонирањето на недозволени места, се наведува во соопштението.
Дегацијата од Ѓорче Петров присуствуваше и на почетокот на реновирањето на зграда во Разлог, чиј старт го означи Герчев. Реновирањето вклучува нова фасада, покрив, прозори и подови во домовите, со што ќе се добие целосно нов изглед на зградата, како и енергетски ефикасен објект. Овој проект со средства од Европската унија веќе се имплементира во оваа општина, односно досега се опфатени доста јавни и општествени објекти низ Разлог.
Во таа насока, општина Ѓорче Петров неодамна со здружението „Хабитат Македонија” потпиша Меморандум за соработка кој вклучува сличен проект за зградите во населбата.
– Денешното искуство беше одлично за да се увиди како на сличен начин изгледа имплементација на проект за енергетски ефикасни згради што во Ѓорче Петров во наредниот период ќе се одвива преку субвенции за нови фасади и покриви, се додава во соопштението.
Наумоски и Герчев се согласиле и во иднина да работат со меѓусебна помош и поддршка, преку размена на идеи и искуства.
Посетата на општина Разлог продолжува и утре. На делегацијата од Скопје ќе и биде презентиран нов проект кој го имплементирала оваа општина со помош од ЕУ, а исто така се однесува на сочувување на животната средина, како искуство кое во иднина би било значајно за општина Ѓорче Петров.