Доколку сопственикот на кафулето „Фонтана“ пред деловно-трговскиот центар „Мавровка“ повторно излезе од габарит и изгради нешто што не му е дозволено, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу вели дека е подготвен повторно да се урива. По четиримесечна пауза по уривањето, на објектот повторно се работи, а градоначалникот Ганиу вели дека сопственикот има законско право да го врати објектот во првобитна состојба, онака како што бил пред пожарот.
„Објектот пред да го зафати пожар беше изграден со документација. Во Законот стои дека по елементарна непогода, сопственикот има право да го врати во првобитна состојба без да побара документација од Општината. Но тој излезе од габаритот и место со челична конструкција градеше со бетон. Сега тој има законско право да го врати во првобитна состојба. Општината пак ќе го прекине и ако треба пак ќе одиме со истите мерки. Вчера беше сопственикот на разговор, неколку дена ги прекинавме. Ако не покаже ист објект како оној пред пожарот, нема да пуштиме ни квадратен метар да работи во тој објект“, рече градоначалникот Ганиу.
Објектот пред „Мавровка“ беше урнат во септември минатата година откако новата Влада, по изборите, на првата седница, донесе одлука уривањето да го направи ЈП„Македонијапат“ со свои средства. На оваа владина одлука претходена неколку неуспешни тендери на Општина Чаир за избор на фирма која ќе ги урива бесправно изградените објекти, а додека траеја административните процедури објектот пред „Мавровка“ излезе од темели и беше изградена една плоча над земја на местото на изгорениот објект.
Кафулето „Фонтана“ целосно изгоре во пожар на крајот на април кој избувна доцна навечер во услови кога на сила беше полициски час и движењето беше забрането. Новиот објект, кој беше урнат во септември, се градеше цело лето.
По уривањето, за бесправното градење сопственикот доби кривична пријава од МВР на која Обвинителството се уште работи и покрај неговите уверувања дека ги имал сите потребни дозволи.