Говорот на омраза во медиумите го продуцира и институционализира власта

Од:

Каква врска имаат водителите навредувачи и нашата власт? Каква и која е врската на новинарските вулгарности со нашите институции? Факт е дека првите две институции на државата, со своето „гостување“, со своето присуство главно и често токму во емисиите кај ваквите „автори“, промовираат, лансираат и подржуваат јавна вулгарност.

 

Пишува: Зоран Иванов

 

Двајца водители, „новинари“ ли, водители ли, што ли се (и двајцата се позиционираат според некоја „актуелна потреба“), деновиве истурија грст навреди кон две дами дипломати, амбасадорки на две земји членки на Европската Унија. Во своите авторски емисии на две влијателни национални телевизии, како и на своите статуси на социјалните мрежи, тие истурија арсенал зборови, атрибути, метафори непримерни за луѓе со основно домашно и општествено воспитување. За елементарни новинарски или медиумски професионални стандарди и не станува збор. Со уличарски жаргон, со атрибути од типот „сексипилна“, „несексипилна“, „грда“, ружна“, ваква, онаква, двајцата актуелни доминантно влијателни моделари на македонското јавно мислење, си направија пат и за сопствена „меѓународна“ промоција и афирмација. Нивните авторски „дела“ влегоа во дипломатските анали. Сега орбитираат во европските институции, предизвикуваат реакции. И, бидејќи не станува збор за нивните емисии како приватни журки, ниту, пак, за високите дипломатки како нивни гостинки по дома, европските реакции ги красат европските, ама стасуваат и до нашите институции.

 

МОЛКОТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ

 

Парадоксот е во тоа што иако од нивните дипломатски седишта е побарано македонскиот организиран и институционализиран поредок да реагира, да ги стави под заштита странските дипломати од вулгарните напади врз нив, од кај нас молк. Македонската актуелна политичка „цивилизација“ игнорира еден елементарен факт дека безмилосно се навредуваат странски дипломати за што и во светската дипломатска практика нема пример ниту меѓу завојувани страни. А, тие, пак, кутрите, очигледно и не знаеле каде се пратени да службуваат. Во каква касаба каде што може в лице да им плукне без трошка скрупула секој простак што освоил простор во јавната сфера. И тоа кому и по каква заслуга и токму на ним кои во рамките на своите основни дипломатски, амбасадорски активности, значи вршејќи ги својата должност и работните обврски, се обидуваат, во согласност со европските стандарди, некои балканци да ги поместат во европски вредности, против ксенофобијата, на пример, за правата на маргинализираните поединци и групи и на ним слични теми и цели.  Институционална „интервенција“ за заштита, што ја побара и дипломатскиот клуб, е игнориран, пречекан е со молк. Патем, токму таа, власта, е „сопственик“ и на двата медиума каде што „мажествените“ водители пред македонската телевизиска публика ги навредуваа и ги омаловажуваа амбасадорките на земјите влијателни членки на ЕУ, Холандија и Германија. Токму таа е сопственик на просторот во кој беа вулгаризирани службеничките на државите пријатели на Македонија. На земји морални и финансиски поддржувачи на многу овдешни невладини, но и на бројни владини проекти во насока на нашиот интегративен пат кон ЕУ. Во духот на „добри“ домаќини, сето, во духот на „слободата на говорот“, во духот, нели, на елементарната „демократска придобивка“, нашата политичка елита ги премолчи настаните. Премолчи и ја поддржа појавата.

 

НАВРЕДИТЕ И ВУЛГАРНОСТИТЕ КАКО ДЕМОКРАТСКА ПРИДОБИВКА

 

Очигледно е дека меѓу демократските придобивки, за некои од нас овде, навредите, вулгарностите, омаловажувањата кон „службените гости“ од највисок ранг, е, исто така, демократска и, уште повеќе, цивилизациска придобивка. Ама, ретоградна „придобивка“. Зашто, како поинаку, освен така, би нѐ оценувале и паметеле како народ и општество владите и граѓаните на земјите во чија функција овде кај нас двете дипломатки се испратени на служба. На ваквиот говор на омраза, водителите и нивните телевизиски емисии очигледно се само алатка, само лансирна рампа. Тест за достигнатата, покрај домашната, сега, во стилот „народот нѐ сака и никој не ни треба“, и меѓународна манифестација на арогантноста на македонската власт. Секако, логичното прашање што се наметнува на горната теза би било за тоа каква врска имаат водителите навредувачи и нашата власт? Каква и која е врската на новинарските вулгарности со нашите институции? Со претседателот и со премиерот, на пример? Па каква? Во секој случај едноставна. Конкретно: ако првиот авторитет на државава, премиерот, ако првата или највлијателната институција на земјава, претседателот, одбиваат да гостуваат во емисии, да бидат интервјуирани од новинари, од телевизиски водители со нормални професионални стандарди, со докажан дигнитет, со авторитет верификуван и меѓу фелата и во јавноста, а се самопокануваат и се чести гости кај „вреѓачите“, во конкретниов случај на двете високи дипломатки, ако се учесници во нивните емисии на кои на домаќините им даваат легитимитет на влијателни медиумски работници, тогаш какво толкување, која анализа и каква поинаква констатација може да се извлече од тој факт. Освен дека и премиерот и претседателот на државата нашите плукачи ги промовираат, ги негуваат, ги одржуваат на висока, влијателна општествена позиција.

 

ПОДДРШКА НА ЈАВНАТА ВУЛГАРНОСТ

 

Така, факт е дека првите две институции на државата, со своето „гостување“, со своето присуство главно и често токму во емисиите кај ваквите „автори“, промовираат, лансираат и подржуваат јавна вулгарност. Застануваат зад некои поинакви, зад некакви нови нестандардни, неетички и уникатни македонски медиумски стигматизерскивредности. Кога претседателот на државата и неговиот прв министер им го даваат легитимитетот на новинарите, кои беспримерно навредуваат амбасадори, дипломати, службеници на пријателски земји, на персони на кои токму тие двајца први функционери на Република Македонија им ги дадоа агреманите, им посакаа добредојде во нашата земја, згора уште кога, сепак, станува збор за дами, тогаш ете ја и сликата не само за нашиот новинарски и медиумски стандард, и не само за нашето актуелно државно водство, туку и за сите нас како нивни избирачки поддржувачи. Сето ова упатува дека говорот на омраза во медиумите, со тоа и во општеството, го продуцира и го институционализира власта. Претседателот и премиерот особено.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска