Иако моето приватно мислење за премиерот Никола Груевски е изразито негативно, како претседател на компанијата што ги издава двата неделни весници во Австралија, не сум дозволил еднострано и тенденциозно информирање во ниту едно издание. Подолу ќе раскажам неколку мачни примери за да се уверат пропагандистите на премиерот дека и во најделикатни услови превладувал разумот. Затоа ме чуди непромисленоста на власта да го валка угледот на публицистите кои не отстапуваат од етичките норми да бидат совест на општеството.
Македонското критичко и аналитичко новинарство работи под исклучително тешки услови, речиси протерано од државните и приватните медиуми што се финансираат од даноците на граѓаните или од задолжителна претплата. Меѓутоа, и во такви околности тие храбри луѓе наоѓаат решенија како да ја одразат својата мисла во јавноста. Далеку од разумот се тие што тврдат дека изострувањето на јавното мислење е по нарачка на странски пропагандни служби. И самиот премиер треба да си го стави прстот на челото, да се подзамисли што корист има од тие што го сликаат во розови бои додека во неговата ера граѓаните се несреќни, бедни, невработени, очајно посакуваат да си заминат во туѓина.
Еманципацијата на македонскиот духовен простор во медиумите беше многу тежок процес. Бев сведок и учесник во тој процес цели 50 години. Објавив близу 200 колумни во златните години на „Дневник”, и уште толку во згаснатото “Време”, кои заедно со „Фокус” се буревесници на македонската слободна мисла. И неполни три децении работам во неделните весници на дијаспората кои живеат на слободниот пазар, негувајќи ја чесната и објективна мисла. Задоволство ми беше, секоја година кога ќе си дојдев во Македонија, по неколку пати да го сретнам господинот Никола Младенов, и да му се восхитувам на упорноста што ја демонстрираше да биде строг и објективен критичар на власта. Во својата кола ме враќаше дома на Водно, внимавајќи на секој пешачки знак и возејќи претерано внимателно. (Затоа со неверување ја примив официјалната верзија за неговата погибија). Така и летото 2006, кога на разделбата ми рече: „Груевски ни е единствената надеж. Овие што ги наследија комунистите не умеат да ја развијат државата”. Чесно е да нагласам дека нашиов долгопругашки премиер ни случајно немаше да ја освои власта доколку тогаш не беа со него слободоумните новинари и медиуми, кои сега, по девет години сака да ги осрамоти.
Граѓаните на Македонија не треба да го дозволат тоа. Како што не дозволија во седумдесеттите години на минатиот век да биде попречено големото будење на македонската научна – публицистичка мисла, кога плејада ентузијасти, од Александар Матковски, Блаже Ристовски, Александар Христов, Гане Тодоровски, Михајло Апостолски, Христо А. Полјански, Манол Пандевски, Бранко Панов и многу други, ги поврзаа вековите на македонската слободна мисла. Денешниве независни публицисти се оригинални продолжувачи на таа света традиција. За среќа, голем е нивниот број и, без разлика што се критички кон луѓето што неразумно ги трошат парите на граѓаните, тие зрачат со позитивна енергија. А граѓаните што толку многу сакаат да ги читаат, слушаат и гледаат на екраните, би требало сега да се многу поактивни во заштитата на нивната чест. Во спротивно ѓаволот ќе си ја сврши работата и нашиот медиумски простор ќе постане деградиран слуга на власта. И, со оглед на тоа што планетава денес го симболизира глобалното село, ќе читаме, слушаме и ќе гледаме странски медиуми со изострени критериуми, оплакувајќи ја нашата судбина. Македонија во 1995 година, со брзиот развој на алтернативните медиуми, сериозно навлезе во коридорите на демократијата, и по никоја цена не смее да се враќа назад кон едноумието.
Ќе го раскажам и тоа што го ветив на почетокот од овој запис, колку да се памети дека понекогаш треба да се избегне валкањето. Весниците на дијаспората отсекогаш беа восхитени поддржувачи на кревката македонска демократија. Особено меѓу 1991 и 1998 година, кога опозициската ВМРО ДПМНЕ мака мачеше да ја пробие својата вистина во медиумите. На сите задгранични комитети им отстапувавме бесплатен простор за да си ги огласуваат своите комитски балови. Им помагавме да си ги стилизираат своите објави и соопштенија, затоа што верувавме дека наспроти скромната писменост тие поседуваат искрени патриотски чувства. Но, во последниве години, откако соопштенијата им ги стилизира некој во Скопје, повеќето од тие луѓе (педесетина на број низ цела Австралија) манифесираат сосема поинакви карактери. При секоја, дури и најблага симпатија за опозицијата, што е стара англосаксонска практика, тие им упатуваат закани на новинарите и уредниците: „Внимавајте што работите, инаку ќе ве лустрираме”. Се разбира, весниците на дијаспората, вкупно два на слободен пазар на целава планета, должни се да останат коректни и тогаш кога партијата на овие шупелки ќе биде опозиција во Македонија.
Вториот случај на разум и претпазливост, кога се работи за нежното, лесно кршливо ткиво на македонската раселена нација, е поврзан со лустрацијата. Еден поранешен функционер на власта во Македонија, пред неполна година донесе во редакцијата на „Австралиско Македонски Неделник” аудио снимка од мобилен, на која се слуша гласот на премиерот Груевски, кој го прашува господинот Аџиев зошто се доцни со лустрирањето на еден стар научник. Заради хармонија и мир во просторите на туѓината, уредниците решија тоа да го игнорираат. Лично мислам дека постапија мудро, затоа што во големите, непрегледни простори на дијаспората, каде татковината се чувствува со срце и се сака безусловно, не треба да се настапува како вол заплеткан во свила.
Третава епизода е поврзана со последните вонредни парламентарни избори во Македонија. За време на кампањата неколку пати во Австралија доаѓаше господинот Марјан Ристески, инаку градоначалник на општина Прилип. По првата негова средба со група иселеници, редакцијата беше вџасена од неговиот ултранационалистички вокабулар. Кога би го слушнале тоа австралиските власти сигурно веднаш би го протерале, гласеше заклучокот на редакцијата. Меѓутоа, по долго размислување беше решено, заради мир и спокој меѓу патриотите, тоа да се премолчи. При второто негово доаѓање беше направен дури и разговор со него распослан на две страници од весникот. Иако тој не правеше ништо значајно за татковината освен што носеше повеќе стотини нови пасоши за одбрани гласачи. Мислам дека и во овој случај редакцијата постапи разумно, во интерес на заедницата, иако австралиските тајни служби веројатно го следеле циркусот и се потсмевале со нашето демократско гласање. Кој им е виновен на опозиционерите што не се присутни во дијаспората? Госпоѓата Шеќеринска прифати да даде мега интервју, ги доби прашањата но досега нема одговорено на нив. Иако главниот уредник, нејзин школски другар, беше убеден дека рамноправно ќе ги претстави двете најголеми македонски партии. Испадна дека тој лесно остварува разговор со прајминистерот на Австралија, аме невозможно тешко со својата школска другарка.
Аздисаната власт бездруго знае дека Австралија е голема колку Европа. Ако посакаш да патуваш со автобус или кола, те очекуваат беспрекорни патишта со уредни мотели на секои двесте километри. Ќе си отвориш со метална паричка бања, тоалет или просторија за одмор, а пред да го продолжиш патот не можеш да го избегнеш натписот кој те советува: „Остави го просторот таков каков што сакаш да го најдеш”. Кога би можел господинот Груевски да го разбере ова, би си изградил црквиче во својата душа, ако ја има.
Божин Павловски