Сите анкети за исходот од референдумот се со големи промашувања и далеку од реалните резултати. Наместо прогнозираниот одѕив од високи 66,4 отсто, испадна во реалноста само 36,87 отсто, или со промашување од цели 30 проценти.
Резултатите од Државната изборна комисија за референдумот покажаа дека сите објавени анкети се погрешни. Сите прогнози од анкетите се далеку од официјалните бројки од ДИК без оглед дали се работи за одѕивот на гласањето, за гласовите „за“ или гласовите „против“ .
Според последните податоци од ДИК, од обработени 99,54 отсто од избирачките места одѕивот на гласањето е 36.89 отсто, односно гласале 662.660 граѓани од вкупно 1.806.336 запишани во Избирачкиот список. Од излезените, „за“ гласале 91,48 отсто или 606.200 граѓани, „против“ биле 5,64 отсто или 37.372 гласови и 19.088 гласачки ливчиња биле неважечки.
Анкетата што за Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја направи агенцијата „М- проспект“ во периодот од 24 јули до 1 август годинава покажа дека одѕивот на референдумот ќе биде високи 66,4 отсто, со 41,5 отсто „за“ и 35,1 отсто против.
МЦМС објави дека мнозинството граѓани ќе излезат на гласање и еден месец подоцна, на почетокот на септември. Одѕивот оваа анкета покажа дека ќе биде 57,8 отсто, а 70 отсто од испитаниците рекле дека ќе гласаат „за“.
Далеку од реалните бројки за референдумот се и оние на Институтот за политички истражувања од Скопје кои покажаа дека 43,2 отсто ќе гласаат „за“, а 22 отсто „против“. И оваа анкета беше спроведена во периодот од 6 до 10 август.
Во август висок одѕив од 63 отсто на референдумот предвиде и анкетата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студи ИФИМЕС од Љубљана.
И Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на крајот на август објави анкета со висок процент на поддршка за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. Нивната анкета покажа дека 49 отсто од
испитаниците ќе гласаат за предложената измена, а 22 отсто против.
Не се ниту блиску до официјалните резултати и анкетите на телевизиите.
„Алфа ТВ“ на почетокот на август објави дека референдумот ќе биде успешен врз оснава на анкета што покажала дека 40 отсто од граѓаните ќе гласаат „за“, 25 отсто ќе гласаат против, додека 33 отсто ќе го бојкотираат референдумот.
Бројките ги згреши и интернет-порталот „ТВ 21“ кои прогнозираа 50,25 отсто гласови „за“ и 11,34 отсто „против“.