Продадени се повеќе од 50.000 карти за саботната прослава на Националната Арена „Филип Втори“ по повод 8-ми септември – Денот на независноста на Република Македонија.
Во 21:00 часот на „Филип Втори“ ќе биде интонирана македонската химна во изведба на Игор Дурловски.
Потоа ќе следи концертот на триото Тавитјан, а на сцената заедно со нив ќе настапат Јосипа Лисац, Жељко Бебек, Хари Варошановиќ, Александра Радовиќ, Борис Новковиќ, Нина Бадриќ, Тереза Кесовија, Дадо Топиќ, Аки Ракимовски, Горан Каран, Сергеј Четковиќ, Јелена Томашевиќ, Антонија Шола, Калиопи Букле, Каролина Гочева, Мики Јовановски Џафер, Ристо Самарџиев, Есма Реџепова, Влатко Лозановски, Владо Јаневски и Оливер Мандиќ.
Влезниците се продаваат по симболична цена од 20 денари во Тобако и Тинекс, а со влезница на влезот ќе добиете и ЦД од Тавитјан.
Вратите на националната арена ќе бидат отворени 3 часа пред почетокот на настанот.