На светско ниво 97 проценти од загинатите велосипедисти во сообраќајни незгоди не носеле заштитна кацига, покажуваат податоците што ги објавува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) по повод Европската недела на мобилност.
Оттаму денеска апелираа до велосипедистите да бидат одговорни, да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот и редовно да користат заштитен шлем.
Како што информира РСБСП, на светско ниво, два процента од загинатите лица во сообраќајни незгоди се велосипедисти, а најчести смртоносни повреди кај велосипедистите се повредите на глава. Кај нас во просек годишно десетина велосипедисти го губат животот во сообраќајни незгоди.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, велосипедист кога учествува во сообраќај треба да носи заштитен шлем односно кацига, но, укажува РСБСП, законот не предвидува никаква санкција доколку велосипедистот не користи заштитен шлем односно кацига.
-Една од причините зошто законот не предвидува задолжително користење на заштитна кацига е фактот што голем број велосипедисти, а исто така и Европската велосипедска федерација сметаат дека доколку користењето на заштитна кацига е задолжително и доколку не користењето на заштитна кацига се санкционира, тогаш значително ќе се намали бројот на лица кои користат велосипед како сообраќајно превозно средство и на тој начин ќе се изгубат сите придобивки кои ги носи користењето на велосипедот како превозно средство. Согласно наведеното дали ќе користи кацига или не, одлуката ја носи самиот велосипедист, велат од РСБСП.
Во информациите и практичните совети зошто е добро велосипедистите да носат соодветна опрема, пред се заштитна кацига и како правилно да ја користат РСБСП ја потенцира заштитата на главата и наведува дека според меѓународни истражувања, при сообраќајна незгода со велосипед од 22 проценти до 47 проценти од велосипедистите се здобиваат со повреди на главата, а 75 проценти од загинатите велосипедисти во сообраќајни незгоди се поради здобиени повреди на глава.
Од РСБСП ја потенцираат и заштитата од надворешни временски влијанија и појаснуваат дека кацигата ја штити главата од директна изложеност на сонце и во случај на дожд не дозволува дождот да се слева кон очите, со што се подобрува видливоста кај велосипедистот.
Една од причините поради коишто страдаат велосипедистите во сообраќајот, посочуваат, е тоа што возачите не ги забележуваат навремено велосипедистите. Со носењето заштитна кацига со светла боја и рефлектирачка површина видливоста на велосипедистот е многу поголема, потенцира РСБСП и дополнува дека за да овозможи адекватна заштита кацигата треба да биде користена на правилен начин.
Најважни правила за соодветна употреба на кацигата се: Да се користи соодветна димензија (големина) на кацигата. Кацигата не смее да стега, ниту премногу да биде лабава за да овозможи максимална заштита. Позиционирањето на кацигата во предниот дел треба да биде два прста над очите, кацигата несмее да биде прениско поставена за да не го намалува видното поле на велосипедистот. Кацигата секогаш мора да биде цврсто врзана за долната вилица, бидејќи при незгода ако не е врзана може да падне од главата и да ја изгуби функцијата. Користењето на сертифицирана кацига за велосипедисти, наспроти не сертифицирана, пак, го намалува ризикот од повреда на главата за седум пати, советува РСБСП.