Роднините и пријателите на ликвидираните момчиња кај Смилковско езеро одбележаа годишнина од масакрот на гробиштата во скопската населба Радишани. Со палење свеќи и положување цвеќе на немилиот настан се присетија врсниците на убиените момчиња и нивните соседи.
Болката и тагата беа многу поголеми од можноста да изустат збор за убиството и за поминатата година. Иако во тек е судски процес, сепак за родителите нема утеха каква и да биде пресудата.
За нив е ирелевантно дали ќе има казни за обвинетите и дали двајцата главни извршители ќе бидат екстрадирани од Приштина каде се приведени од тамошната полиција. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири веќе две седмици се притворени во очекување на екстрадиција. Од нејасни причини министерот за правда Блерим Беџети ги нема испратено документите за испорака на двајцата обвинети.
[nggallery id=165]
Во неговата последна изјава за медиумите само кусо коментираше дека постапката е во тек без да прецизира зошто за две недели не се испратени. Откако Исмаиловиќ и Демири ќе бидат предадени на македонските власти судскиот процес за „Монструм“ ќе стартува отпочеток со изјави на првообвинетите.
Инаку судскиот процес продолжува на 10-ти април со испрашување на сведоците на одбраната кои ќе им даваат алиби на обвинетите за моментот кога се случила ликвидацијата. Претходно, неколку рочишта процесот беше затворен за јавноста затоа што се прегледуваат транскрипти од телефонските разговори на обвинетите.