„По укажувањата на Венецијанската комисија, што одговараат на голем број наши стручни укажувања, последниот Закон за употреба на јазиците мора да се повлече. Албанците во Македонија, имаат жесток проблем со масовно исселување од државата, со обезбедување на основна егзистенција, изложени се на постојан рекет, како и на отворено барање за поткуп кога бараат услуга од било која институција, вклучувајќи ги и болниците“, се вели во соопштението на Глас за Македонија.
„За ова не се зборува, ниту некој се обидел да ги отстрани овие коруптивни однесувања. Двојазичноста на цела територија на Република Македонија е само евтина карта во рацете на политичките елити, кои досега не решиле ниту еден нивен горлив проблем.
Од симболи не се живее, и ова значи потценување на вистинските потреби на албанскиот народ. Имаме Охридски договор, преточен во Уставот, кој обезбедува потполна рамноправност на сите малцински заедници. Тој мора да се почитува, но не и слободно да се толкува. Официјален јазик во функција на интегрирање и унитарност на државата, на целата територија е македонскиот јазик како што е запишано во Уставот“, соопштуваат од Глас за Македонија.