Сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, по повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, денеска се обрати на едукативен настан, чија цел е поттикнување на јавната свест во општеството за важноста на поддршката и учеството на жените во науката, како и промоција на жените кои биле пионерки во областа на знаењето и науката.
Ѓоргиевска во обраќањето се осврна на историските успеси на жените во науката и истражувањето, посочувајќи ги Марија Склодовска Кири, Ирен Жолио Кири, Розалинд Френклин Сесилија Пејн-Гапочкин, Рејчл Карсон и нивниот придонес за развојот на науката, искоренување на болестите и подобрување на квалитетот на животот за милиони луѓе во светот.
„Притоа, тие не ги менувале само научните туку и општествените парадигми за местото и улогата на жените во образованието, истражувањето и науката. Многу од нив се соочувале со стереотипи, предрасуди и препреки. Тие го изоделе потешкиот дел од патот за наредните генерации жени да можат порамноправно да се вклучат во научната потрага по вистината. Сите ние сме денеска тука благодарение и на нивната непоколеблива верба во еднаквоста меѓу жените и мажите“, истакна Ѓоргиевска.
„Целта на овој меѓународен ден е и да ги отстрануваме преостанатите пречки за поинклузивно вклучување на жените и девојките во науката. А тоа е неопходно ако навистина сакаме да ја оствариме Агендата 2030 на Обединетите нации“, потенцираше Ѓоргиевска.
Таа посочи дека процентот на жени истражувачки кои се занимаваат со истражување во СТЕМ- областите во Северна Македонија е меѓу највисоките во Европа и дека голем број научни публикации во изминативе година се објавени од страна на жени, но тоа не значи дека се решени сите горливи прашања и дека еднаквите можности постојат во целост.
„Иако во 2018 година на глобално ниво 44% од докторираните лица биле жени, сепак, уделот на жените меѓу истражувачите и професионалците е значително помал. Само 2% од капиталот бил вложен во стартапи основани од жени. Со други зборови, иако многу жени сега имаат можност да стекнат квалитетно, врвно образование, тие не секогаш имаат можност да ги применуваат знаењата и вештините во конкретни научно-истражувачки и развојни проекти и рамноправно да напредуваат во академскиот свет “, рече Ѓоргиевска, додавајќи дека жените во СТЕМ-областите се помалку платени од мажите и дека пандемијата на Ковид-19 го зголеми ваквиот јаз.
Според неа, ваквиот диспаритет е пречка за севкупниот развој и напредок на општествата но и причина за големиот дефицит на професионалци и истражувачи во клучните сфери на дигиталните технологии, поради што е неопходно што повеќе жени да се посветат на овие области во иднина.
„Потребен ни е долгорочен ангажман. Мора да инвестираме во образовен систем што ќе нуди еднакви можности за сите, да ги поттикнуваме девојките да бидат дел од науката, и како општество да обезбедуваме механизми со кои ќе се поддржат жените да бидат дел од повеќе научни истражувања. Да ги промовираме успешните приказни и да ги поддржуваме младите истражувачки кои сакаат да постигнат индивидуален напредок во областа на образованието и на науката. Да иницираме платформи, програми и инкубатори за жени и за девојки истражувачки “, истакна Ѓоргиевска.
Во рамки на настанот, во организација на „Мрежата на жените во науката“, се одржаа повеќе панел дискусии на кои учествуваа жени и девојки вклучени во научно-истражувачките процеси, како и претставници од јавни и државни институции.
Ѓоргиевска ја поздрави улогата и ентузијазмот на „Мрежата на жени научнички“ и изрази уверување дека со заеднички ангажман од државата, академската и бизнис-заедницата, можеме да успееме и да ја мотивираме следната генерација на девојки да се посветат на науката и да го дадат најдоброто од себе за технолошкиот, економскиот и хуманиот развој на општеството.