Германија и Франција со координација за спречување на нелегалната трговија со огнено оружје во Западен Балкан

Од:

Денеска се одржа состанок на кој присуствуваа и делегации од Германија и Франција, за големото ширење на мало и лесно оружје во регионот на Западен Балкан и постојаните предизвици за негова ефикасна контрола, а кое носи ризици како за регионалната така и за европската безбедност, со цел спречување на нелегалната трговија со огнено оружје во Македонија.

Двете земји со цел поинтегрирана и покоординирана акција за справување со проблемите со нелегалното оружје во регионот на Западен Балкан почнаа заедничка иницијатива за координација на донаторите за нелегална трговија со огнено оружје и сеопфатна контрола на мало и лесно оружје.

Жан Клод Брунет, претставник на Министерството за надворешни работи на Франција, вели дека проблемот со илегалната продажба на оружје поминува низ Западен Балкан и се трансферира на пазарот во ЕУ, што претставува сериозен проблем и ризик. Според него, потребна е кампања во медиумите за легализација на оружјето за да се укаже на правилата што треба задолжително да се почитуваат.

„Ние имаме силни релации со земјите од Западен Балкан и тука сме да им помогнеме во поглед на оваа тема“, вели Клод Брунет.

Иницијативата на Германија и Франција има пристап на две нивоа.

Регионален акциски план со специфични и мерливи цели за намалување на недозволената трговија со мало оружје до 2024 година беше разработен и договорен од страна на партнерите од Западен Балкан. Овој документ претставува основа за зајакнување на соработката меѓу донаторската заедница и властите од Западен Балкан. Документот беше официјално одобрен од шефовите на држави и влади на самитот за Западен Балкан од берлинскиот процес на 10 јули во Лондон.

На национално ниво донаторските координативни состаноци, со кои претседаваат Германија и Франција, годинава се организирани кај сите шест регионални партнери за да обезбедат заедничка анализа од страна на националните власти и меѓународните партнери за приоритетите за подобрување на борбата против недозволената трговија со огнено оружје и да ги идентификуваат можностите за понатамошна соработка и иницијативи за заедничко програмирање.

Маркос Блеинрот, претставник на германското Министерство за надворешни работи, вели дека тие забележале оти културата на Западен Балкан сè уште се поврзува со оружје, со пукање на свадби и други прослави. Тој посочи дека тие ја гледаат Македонија како безбедна земја и затоа се залагаат за стопирање на илегалната продажба на оружје. Тој посочи дека регионот мора да ги санкционира ваквите појави.

Блеинрот вели дека и медиумите ја имаат улогата да им посочат на граѓаните за последиците од нелегалното користење оружје.

На 11 декември Франција ќе биде домаќин и на конференцијата на високо ниво во Париз за да се разгледаат резултатите од донаторските координативни состаноци, да се презентираат локалните акциски планови за имплементација на регионалниот план и да се идентификуваат донаторските придонеси за негово финансирање. Кон крајот на 2019 година, пак, во Берлин ќе се одржи мониторинг-конференција кога ќе се разгледа и првата година од имплементацијата на регионалниот план и на националните акциски планови.

Кристијан Ландов

Би можело да ве интересира

Британија, Франција и Германија: Може да преземеме неопходни одбранбени мерки против Иран

Нова главоболка за Мерц: Зелените бараат итна истрага за „германска поврзаност“ во аферата Епштајн

Ле Пен: Крајната левица сака да го наруши демократскиот систем

Кина ги престигна САД

Лидерката на германската десница: Мирот во Европа е можен само со Русија, Британците се виновни за крвопролевањето

Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија