По одлуката на професорот Борче Давитковски за оставка од местото претседател на Комисијата за настаните во Собранието на Република Македонија од 24. декември практично и правно таа ја запира својата работа до конечна одлука на надлежните околу оставката, изјави денеска членот на Комисијата Љубомир Фрчкоски.
Смета дека нема опции Комисијата да работи без претседател затоа што таа правно е заснована како целина со еден акт во овој состав.
– Тоа значи дека таа запира со работа за да остави можност консултациите да продолжат, поинтензивно околу само две точки, дали ќе ги вметне и на кој начин ќе ги вметне правните квалификации кои се преземени од вордингот на експертите на ЕУ, рече Фрчкоски.
Според него, Нацрт извештајот што го подготвила Комисијата за расчистување на настаните од 24-ти декември, на околу 30-тина страни со хронологија на настаните, заклучоци и препораки и врз база на мартовскиот политички договор меѓу политичките лидери и претставниците на ЕУ, е многу добра основа за конечен извештај.
– Во него, во клучните препораки беа вградени и идеите на странските набљудувачи (препорака 7 и 11) кои учествуваа во комисијата. Но, по консултациите што беа направени околу правните квалификации за настаните во Собранието на 24-ти декември и споменатите препораки – јасно е отсуството на политичката волја да се погледне во очигледното, имено, да се најде решение за настаните, кое сите во Македонија и нашите пријатели во ЕУ го очекуваат од нас, вели Фрчкоски.
Според него, одбивањето да се расправа во однос на уставноста е клучниот, главен проблем кој ја блокира Комисијата. – Се работи за отсуство на политичка волја за клучниот елемент кој имаме мандат да го направиме, а тоа е уставноста на настаните, истакнува Фрчкоски.