Фоторепортажата е жанр на оние известувачи кои се слуги на нашето бесконечно љубопитство

Од:

„Мастилото треба да следи онаму каде што крвта тече – Ништо и никој не смее да ги сопре новинарите да известуваат од боиштата“. Рекламен постер за потребите на Новинари без граници. Изработка: Saatchi & Saatchi, Париз, Франција, 2009

 

Имаме толку многу сведоштва во форма на фоторепортажи од настаните во социјализмот, кои не биле пријатни на власта, ама немаме речиси ништо значајно од актуелните „случувања на народот“?! Жaнрот го направиле храбри, досетливи и бескомпромисни борци за вистината.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Кога неодамна се случија оние немили настани во Ѓорче Петров, за кои имавме неколку рецензии во проектот, кога значи имавме „случување на народот“ во населбата, беше видливо дека имавме многу малку употребливи фотографии од тие настани, а да не говориме за фотографии во низа кои би спојувале во себе автентична приказна што би ни ги пренела тие „жешки ноќи“. Немаше фотографии од каменувањето на Општината Ѓорче Петров, од убедувањето на градоначалникот на бесните граѓани, од горењето на продавниците (со мали исклучоци, кои беа неквалитетни), од доаѓањето на групи млади од други населби (Орман, Волково), од тепањето… Факт е дека на некои наши колешки им беше одземен снимен материјал и избришан од нивните апарати, ама, сепак, од толку многу редакции да нема повпечатлива фотографија, а за фоторепортажа и да не говориме, тоа е сигнал кој не зборува добро за состојбите во новинарството и сведочи дека и тука, кај луѓето со камери, како да си опстојува нешто што се нарекува – автоцензура.

ФРАНЦУСКИОТ ЖАНР

Фоторепортажата се смета за „француски жанр“, бидејќи во Париз е содадена технолошката основа за користење во многу области, секако и во медиумите. Зборот „репортажа“ на француски значи извештај и за тој жанр неодамна е пишувано во оваа рубрика. Но, фоторепортажата е жанр каде акцентот на известувањето паѓа на фотографот, кој покрај новинарот, присустувал на некој настан и со својата работа е подоминантниот извор на сознание за читателот. Или, неретко, едиствениот пренесувач на некој настан. Втора особеност на жанрот е „невидливоста“ на фотографот како сведок на некој настан. Значи, што помалку има позирање, односно што помалку било видливо присуството на фоторепортерот на настанот, дотолку сме поблиску до спецификите на жанрот! Она што е неопходно за да имаме успешна фоторепротажа е личното искуство и понесеност од некој настан, инспирацијата, било да се работи за спортска репортажа (од некој меч), форум, изложба или можеби и погреб! Посебен поджанр е фоторепортажата од животот на обичните луѓе, каде поводот се јавил при случајна средба на камерата со секојденвието, кои можеби некогаш, како снимки или серија на поврзани фотографии, ќе имаат и историска важност, но не и во мигот кога се направени.

Емил Зуков - демонстрации 1968

Емил Зуков – демонстрации 1968

 

РУСКИОТ ПЕКОЛ

Еве еден таков пример. Во 2008 година фоторепортерката Ирина Попова направила цела сторија за животот на едно мало девојче, чии родители се нарко зависници и тоа случајно. Eдна ноќ, шетајќи по улиците на Санкт ПетерSбург, оваа руската фотографка ја забележала Лиља, целосно пијана жена која јавно мочала на улица, додека покрај неа, во количка, спиело нејзиното девојче. Побарала дозвола да ја фотографира, а Лиља ја повикала во својот стан. (види овде). Попова боравела неколку недели во тој пекол, еднособниот стан на Паша и Лиља, во кој тие живеат со девојчето кое е оставено само на себе и со својата репортажа низ слики ја шокирала јавноста. Попова смета дека ако ја напишала сторијата никој не би и верувал, ќе мислеле дека измислува, претерува и слично! – Моето внимание беше концентрирано главно на светот на малото девојче. Речиси и да станав дел од семејството, а мојата фотосесија на крајот наликуваше на мој личен дневник , изјавила Попова. По објавувањето на фотографиите на Интернет, многумина ѝ забележале зашто не ги известила социјалните служби и полицијата. Била покрената и кампања за одземање на детето од родителите. – Не можев ниту да сонувам дека ќе има такви реакции – изјавила шокираната фотографка, објаснувајќи дека намерата и била со фотографиите да прозбори за можностите за љубов меѓу општествено маргинализираните и дека се надевала оти тие ќе поттикнат на разбирање и ќе ја кренат свеста за тоа дека одгледување на дете воопшто не е лесна задача. По бројни проблеми и конфликти предизвикани од објавувањето на фотографиите, брачниот пар се развел, но девојчето останало да живее со таткото, неговата нова партнерка и нејзиниот син. Паша повремено работи, како електричар. Лиља пак, поминала третмани за одвикнување и се вработила во еден дуќан.

ХРОНОЛОШКА ЛИНИЈА НА НАСТАНИТЕ

Дали серијата фотографии како дел од фоторепортажата е обврзувачка? Не, може да се издвои само една и таа да е клучната, бидејќи, низ неа се согледува цела историја на една личност, град, појава, од настанокот до финалето! Но, најчесто фоторепортажата е замислена како серија на проследувачки фотографии со хронолошка линија сѐ до некакво финале или кулминација. Фоторепортажата многу често нема потреба да биде „диригирана“ од новинар „писар“ како дел од екипата. Големите светски репортери патуваат сами или се движат по улиците и настаните „мирисајќи“ некој повод од кого ќе добијат – ексклузива. Една од најпознатите „солистки“ во тој контекст се репортажите на Германката Ања Нидрингхаус, која на почетокот на април загина во Авганистан (48 г.). Како фоторепортерка на американската агенција Асошиејтед прес (АП) е убиена од авганистански полицаец (!) додека била во придружба на колешка од Канада, која е, пак, сериозно ранета со два куршуми, на истокот на Авганистан. Канадската новинарка Кети Генон (60), го преживеала тој настан. Нидрингхаус ги следела сите големи светски судири, доби веќе Пулицерова награда во 2005 година за фотографии од судирите во Ирак. Фотографиите на Нидринхаус постојат сами за себе како што покажа и изложбата од нејзините фотографии кои се посмртно објавени во магазинот Атлантис, кои дојдоа во Скопје во форма на изложба, (види овде). Секоја фотогарфија е високо естетизирана и може да „опстои“ сама за себе, но таа е дел од еден воен „рингишпил“ кој е своевиден есеј напишан со фотоапарат на боиштето, и кој има и една јасна поттема – формирањето на младите момчиња во воено опкружување (види и тука, а повеќе за биографијата на ова фоторепортерка прочитајте овде.

Полицаец тепа демонстрант кај подвозникот во Белград - демонстрации 1968

Полицаец тепа демонстрант кај подвозникот во Белград – демонстрации 1968

 

ДРАМА КОЈА СЕ СОЗДАВА

Еве и уште некои примери на користење на фоторепортажата онаму каде не ни се надевате. Така, познато е дека во весниците често сретнуваме критики за драмските премиери. За некои фоторепортери ваквите претстави (се разбира преку пробите) се сами за себе привлечни и тие, како во случајот (види овде), ни го доловуваат создавањето на едно ументичко дело, од стартот, во првиот чин до финалето. Фоторепортажа е на Драган Митрески кој имал „само“ намера да ги повика читателите да појдат во Драмски, ама потоа решил и тој „напише“ свое видување на оваа пиеса на Душан Ковачевиќ („Тесни чевли“). Предмет за работа за фотограф „кој има време“ и не го чекаат во редакција „во пет до дванаесет“, нема ограничени теми, секако. „Ние сакаме да сфатиме се што ни влегува во очите“- рекол уште во 1889 година францускиот фотограф-монументалист Алберт Лонд. Првата фоторепортажа е дело на њујоршки фотографи во 1859 година (значи пред 155 години), кои снимале фотографии во низа и ги прикажувале со примитивен проектор како „подвижни слики“, односно во тој случај фоторепортажата е предок на филмот! Тоа биле драматични стории – имало убиства, пожари во првите високи згради, комични сцени … Вистински историчар на жанрот е Олег Шишкин. Тој смета дека основ на фоторепортажата е потребата на читателите да ја задоволат речиси никогаш незатворената љубопитност за сѐ, пред сѐ, за светот на познатите. Има посебна сласт во тоа кога нашите очи влегуваат во тие затворени светови, вели тој. Тоа наше љубопитство ги тера во најголем можен ризик фоторепортерите и ги прави во исто време – натрапници.

ЈАС НЕ СУМ ТАМУ, А ТАМУ Е НАВИСТИНА НЕУДОБНО!

Така читателот – гледач е во многу комотна позиција во дневната соба, додека фоторепортерот често и го жртвува својот живот или се изложува на стрес. Суштината на тој однос е во следното – сакам да сум таму и да немам ризик, односно задоволството често е практично во тоа што „јас не сум таму!“. Да земеме еден пример од нашето секојдневие. На порталот МКД.мк е објавена фоторепортажа од селото Побожје, каде еден постекологист, некогаш информатичар, се повлекол од урбаниот живот и опстојува без „услугите на модерната цивилизација“. Фотографиите на Роберт Атанасовски се прекрасни, разговорот пријатен и јасен во однос на мотивите на сограѓанинот Илија Ѓорѓевиќ, но неизоставно заклучуваме дека огромен број од читателите во потсвеста ќе се споредуваат со именуваниот, предметот на репортажата и ќе бидат задоволни „што тие не се тој“, односно што имаат дома тоалет, топла вода, фрижидер, телевизор… Оваа репортажа, како и многу други секако потврдува дека ние имаме „штоф“ кај колегите, ама немаме амбиент за вистински подвизи во жанрот! Деновиве сме сведоци како читателите преку фотографии на Петернек се потсетуваат на драматичните демонстрации во Белград (2 – 8 јуни 1968). Тие се секако правени и објавени во едно време кое се нарекува едноумие, кога уредниците и новинарите веднаш губеле работа ако не биле „на линија“ и слично. Па како во едни драматични ноќи, во едни настани во кои учествувала видливата и невидливата полиција се сочувани толку многу фотографии кои говорат, на пример, за прекумерно употребуваната сила зашто денес немаме такви примери?! Разликата е во актуелниот амбиент во кој некогаш работеле или денес работат фоторепортерите. Не треба да се кажува на чија штета е таа споредба!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска