(ФОТО) Змии врие, а кејот на Вардар како џунгла, висока трева и грмушки – од Град Скопје без одговор кога и дали ќе косат

Од:

На единствениот повикувачки број за итни случаи 112 имало повици за присуство на змии во објекти во населени места.

При прошетките во природа, може да се случи граѓаните да сретнат змии. Општо е познато дека змијата најчесто бега при средба со луѓе и доколку не е загрозена и уплашена, не напаѓа. Но, може да се случи, на пример, доколку случајно се згазне, наседне или кога се поминува брзо веднаш до неа, змијата да го касне човекот. Покрај тоа што е препорачливо да се носат соодветни обувки, облека и стапчиња за одење во природа, корисно е граѓаните да се потсетат и да се информираат за давање прва самопомош, поточно за начинот како се реагира, како да се имобилизира и да се третира каснатото место од змија. Се разбира, препорачливо е да се јават на 112, без разлика дали си самопомогнале или не – нагласуваат од ЦУК.

НЕИСКОСЕНА ТРЕВА НА КЕЈОТ НА ВАРДАР – ОПАСНОСТ ОД ЗМИИ

И покрај апелите од институциите да внимаваат на појава на змии сликата во главниот град, посебно на кејот на Вардар, место каде има голема фреквенција на луѓе е обраснато во треви, што го зголемува ризикот во нив да се кријат змии.

Овие фотографии од неискосена висока трева, неуредена зелена површина, обраснати грмушки од кои во секој миг може да излезе некоја змија, се од кејот на Вардар под паркот авионче во Ново Лисиче.

Надлежни за косење на тревата се од градот Скопје. Уаптивме прашање до нив зошто е запуштен овој дел од кејот, но одговор не добивме.

Инаку градските јавни претпријатија со програма се задолжени за одржување на зелените површини  и точно утврдена и динамиката за реализација на нивните активности поврзани со косењето на тревата од површините кои се во градска надлежност, а тоа се кејот на Вардар и косините на коритото на реката, градскиот парк, парк шумата Водно и карактеристичниот пејсаж Гази Баба.

Сепак додека градските власти не си ја завршат работата можете само да бидете екстра внимателни за да не се доведете во ситуација да бидете каснати од змија.

ШТО ДА НАПРАВИТЕ ДОКОЛКУ БИДЕТЕ КАСНАТИ ОД ЗМИЈА

Каснувањето од отровна змија е итен медицински случај што мора веднаш да се третира. Доколку препознаете дека се работи за отровна змија, присутна на нашите простори, упатете се во најблиската медицинска установа што е можно поскоро или јавете се во Брза помош за да добиете противотров.

Во таков случај и после права самопомош, е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со лекар, бидејќи ако змијата е отровна правилната прва самопомош е многу важна и времето за добивање лек е многу важно, а истовремено се можни алергиски и инфекциски реакции кај луѓето коишто се гризнати од животно, во конкретниот случај, од змија и секако ќе се добие локацијата на пријавителот во случај да треба лекарска помош на терен.

Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации.

Неопходно е да лежите или да седите мирно до пристигнувањето на Брзата помош или пристигнувањето во болница. Имобилизирајте ја раката или ногата каде што е раната од каснувањето за да спречите движење, што го забавува ширењето на отровот во лимфниот и во крвниот систем. Раката треба да биде поставена на ниво на срцето, а ногата да се држи подигната, што може да го намали отокот.

Не обидувајте се да го исцицате отровот, не нанесувајте мраз и не потопувајте го местото на каснување во вода. Не пијте алкохол како аналгетик и не земајте лекови против болки. Воедно, не обидувајте се да ја фатите змијата поради ризик од дополнителни каснувања.

Лекарите добро знаат да препознаат каснување од отровна змија, а за каснување од сите наши отровни змии се користи уникатен противотров.

НЕ ПОСТОИ НИТУ СПЕЦИЈАЛИЗИРАНА СЛУЖБА ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА ЗМИИТЕ

Проблем е што не постои ниту специјализирана служба за отстранување на змиите.

Од ЦУК посочуваат дека понекогаш во одредени ретки случаи пожарникарите помагаат змиите да се отстранат од објекти и површини во населени места, како при симнување мачки од дрвја или повисоки места, но, нагласуваат, тоа не може да се оствари секогаш, особено во период на сезона на пожари.

”За вакви специфични случаи на појава на змии во објекти во населени места не постојат специјализирани институции за нивно отстранување, туку има физички лица, а и граѓански асоцијации за заштита на животните, кои можат да им помогнат на граѓаните за безбедно отстранување на змии, други влекачи од објекти и површини. Таквиот ангажман и слично, се остварува секако по непосреден контакт и договор со нив, во рамки на заеднички, а и законски можности”,  велат од ЦУК.

 

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Јама со 2.000 ѕвечарки достапни за онлајн следење

Предраг Петровиќ

ЦУК: Пријави за змии во населени места

Змии во населени места – Што да прават граѓаните ако наидат или бидат каснати од змија совети од ЦУК

Пријави за змии во дворови на болница и факултет, од ЦУК апелираат на внимателност

A1on

Џафер и Арсовска се скараа кој е надлежен да се искоси тревата во дворот на Владата

A1on

(ВИДЕО) Змија на кејот на Вардар во Скопје: Топлото време ги раздвижи змиите

А1он