Делегација составена од високи претставници на Европската Унија, која во текот на изминатиот месец помина повеќе градови и села низ Македонија, денеска престојуваше во Штип.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими и амбасадорите на Холандија, Италија, Словачка, Франција и Грција престојот во Штип го започнаа со посета на општинската зграда каде што е сместен едношалтерскиот систем чија реализација беше финансирана од Европската Унија.
„Причината поради која денес сме овде е промоција на европските вредности а, и да ја направиме обиколка низ општината. Градоначалникот ни даде многу добра слика за економскиот, политичкиот и културниот развој во Штип. Заедно денес ќе посетиме еден проект финансиран од Европската Унија, што е многу значајно за моите колеги, бидејќи ќе видат каде завршуваат европските пари, односно парите даночните обврзници на ЕУ“, истакна евроамбасадорот Аиво Орав непосредно по завршувањето на средбата со Захариев.
Делегацијата ја посети и текстилната фабрика „Лабод МАК“, каде што се спроведе дел од проектот „Поддршка за градење на капацитетот на Центарот за образование за возрасни развој на образовни програми за возрасни, за описменување и завршување на основно образование на социјално исклучени лица“, за чија реализација од ЕУ-фондовите беа издвои 1,7 милиони евра.
Преку пилот- проектот „Механичари за машини за шиење“ , како еден од дванаесет тековни пилот -програми на Центарот за образование на возрасни во рамките на твининг проектот финансиран од ЕУ, во Штип треба да се оспособат десетина механичари за поправка на машини со што ќе се анулира недостатокот на ваков кадар. Учесниците поминаа 300 часовна обука, а ги подучуваа експерти од Франција.