Формирана е Работната група што треба да ги имплементира препораките од извештајот на комисијата за случувањата од 24 декември лани.
Ова е исходот од денешната координација кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски на која учествуваа координаторите на сите пратенички групи, освен од ДПА, и потпретседателите на Парламентот.
За претседател на Работната група е избран Илија Димовски кој воедно е и член од ВМРО-ДПМНЕ покрај Благородна Дулиќ, а членови од СДСМ се Игор Ивановски и Цветанка Иванова. Претставник од ДУИ ќе биде координаторот Неџати Јакупи.
– Од општ интерес е имплементирањето на препораките во извештајот особено на оние кои се однесуваат на измените на Законот за Собранието и Деловникот, изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ Неџати Јакупи по координацијата.
Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, очекува Работната група во најкус можен рок да ги заврши обврските за Македонија да добие позитивен извештај од Европската комисија и да покаже, како што рече, дека политичките партии можат заеднички да работат во интерес на државата и граѓаните.
Според Бонева, парламентарното мнозинство, особено ВМРО-ДПМНЕ, се подготвени да ги реализираат препораките во целост. Партијата воедно смета дека ДПА ќе го преиспита своето неучество во Работната група со оглед дека ќе се прават измени на Деловникот и Законот за Собранието.
Игор Ивановски од СДСМ ја квалификува денешната координација како техничка.
– Очекуваме Работната група веднаш да почне со работа за да се коригира досегашната исклучително лоша работа на Собранието. Најпрво ќе треба да се фокусираме на Деловникот за да се укинат одредбите кои власта ги донесе додека СДСМ беше надвор од Парламентот, изјави Ивановски.
Допрва, додаде, ќе треба да се дефинираат координациите во Собранието за да се овозможи нивно функционирање во вистинска смисла.
Одговорајќи на новинарско прашање, Бонева рече дека очекува сите политички партии да дадат поддршка на меморандумот што го изготви ВМРО-ДПМНЕ за стратешката цел – влез во ЕУ.