Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗОРСМ) попладнево соопшти дека пациентите ќе можат да се лекуваат непречено и покрај техничките проблеми и сајбер нападот со кој се соочува институцијата, од којшто се нефункционални дел од ИТ системите.
-И покрај детектираните технички проблеми и нефункционалности на дел од електронскиот систем, пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките без застој, соопшти ФЗОРСМ.
Моментно, укажуваат, ФЗОРСМ се справува со сајбер напад кој ја предизвикува нефункционалноста на дел од ИТ системите. Експертски тим работи 24/7 на справување со предизвиците и нивно отстранување во најбрз можен рок.
-Приоритет се дава на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, а ФЗОРСМ веќе има издадени упатства кон подрачните служби за решенија со кои граѓаните тековно ќе ги остваруваат своите права. Во интерес на прецизно информирање на граѓаните, во најбрз можен рок, и штом се утврдат повеќе информации, јавноста ќе биде навремено известена, наведуваат од ФЗОРСМ.